По повод празникот Велигден, ОО СДСМ Гостивар попладнево организираше забава на градскиот плоштад. Ова е воедно и последниот ден од изборната кампања.
Политичарите ги испратија и своите пораки во пресрет на изборите во среда (8 мај).
На настанот присуствуваше и носителката на листата за пратеници, Славјанка Петровска.
„Сакам да го честитам најголемиот христијански празник Христовото воскресение, да посакам здравје, среќа, љубов, мир и разбирање за сите, без разлика дали го слават. Велам за сите, затоа што само така може да успееме во она за што се залагаме, а тоа е Македонија да биде подобро место за живеење, за сите.“, изјави Петровска и во својата политичка порака од Гостивар додаде: „За два дена ќе гласаме на Парламентарните и за втор круг од Претседателските избори. Им посакувам на граѓаните сите да го остварат своето право на глас. Да го направат мудриот избор, а тоа е државата да продолжи напред по патот на евроатланската и европската интеграција. По успехот што го постигнавме со зачленувањето во НАТО, ја гарантиравме нашата безбедност, вториот предизвик што стои пред нас е членството во ЕУ, меѓутоа претходно секкао дека треба да ги спроведеме сите оние реформи кои се потребни. Приоритет број еден за мене е владеењето на правото и правната држава, и се разбира економскиот развој на државата“.
И Ема Нешковска, кандидат за пратеник во Изборна единица 6 повика граѓаните да излезат на гласање на изборите.
„На оваа велигденска забава ги поканивме сите граѓани на нашиот град без оглед на нивната верска припадност, затоа што сакаме да покажеме дека Гостивар е огледало на мултикултурализмот и реален приказ на соживотот и заедништвото. Водено, ова е последен ден од кампањата за изборите и би сакала да ги повикам и охрабрам граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, да дадат поддршка за бројот 1, за претседател Стево Пендаровски и за кандидатите за пратеници од редовите на СДСМ. Социјалдемократскиот сојуз има јасна визија и план како да обезбеди подобра иднина за сите граѓани на оваа држава и како да ја носи државата напред кон европскиот пат, таму кадешто ние реално припаѓаме како држава.“, кажа Нешковска.
На забавата на штандови се делеа велигденски јајца, додека за дечињата имаше дружење со маскоти и разни забавни игри.