
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска излезе со пакет итни мерки и препораки поради алармантната состојба со отпадот во Скопје, барајќи „итна и неодложна“ мобилизација на сите расположливи технички, човечки и финансиски ресурси за чистење на градот. Како апсолутен приоритет, ИЈЗ го посочи чистењето околу болниците, домовите за стари лица, основните и средните училишта и детските игралишта, и предупреди на потребата од интензивен надзор за појава на заразни заболувања како лептоспироза.
Меѓу итните мерки што ги бара Институтот е веднаш да се отстрани целиот расфрлан отпад, по што мора да следи вонредно испирање, дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) на контејнерите и околните површини. Таму каде што тоа не е можно, ИЈЗ бара да се постават времени физички бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни до ѓубрето.
ИЈЗ бара и дислокација на контејнерите подалеку од детски игралишта, училишта и здравствени установи, како и воведување на редовен транспорт на отпадот, најмалку еднаш дневно во погусто населените делови.
Поради зголемениот ризик, здравствените власти се повикуваат на „интензивен надзор за заразни заболувања“, со посебен фокус на пријавување на дијареи, сомнителни случаи на лептоспироза и други зоонози (болести кои се пренесуваат од животни на луѓе). Се бара и итна заштита на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот, вклучително и задолжителна вакцинација и обезбедување лична заштитна опрема.
Препораки до граѓаните
Институтот апелира и до населението за максимална претпазливост и совесно однесување, што вклучува:
Одржување на лична хигиена (миење раце, користење ракавици и маски при фрлање отпад).
Задолжително затворање на капаците на контејнерите.
Избегнување секаков незаштитен физички контакт со отпадот и исцедокот од него.
Зголемено внимание при шетање на домашни миленици за да не дојдат во допир со ѓубрето и застоената вода.
Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места.
Покрај овие акутни мерки, ИЈЗ потсетува дека долгорочното решение лежи во воспоставување на интегриран систем за управување со отпад, кој вклучува редовна набавка на опрема, рециклирање и постојана едукација на населението.



