Утрински Весник
Свет

Василиј Анисимов, милијардер со хрватски пасош, се откажа од руското државјанство

Рускиот бизнисмен Василиј Анисимов (72), сопственик на хрватски пасош, стана седмиот милијардер кој се откажалод руското државјанство по инвазијата на Украина, јави списанието „Форбс Русија“.

Анисимов, чиј имот се проценува на 1,6 милијарди долари, се откажа од руското државјанство во септември 2022 година. Тој е и државјанин на Хрватска и Доминика.

Бизнисменот роден во Казахстан за време на СССР наводно се ослободил од сите свои средства во Русија. Претходно Кремљ ја омаловажи важноста на тоа што руски тајкуни се откажуваат од своето државјанство, велејќи дека „имаат право“ да го сторат тоа.

Анисимов е поранешен сопственик на лиценцата за вотка „Путинка“ и на холдингот за недвижнини „Коалко интернешенел“. Тој беше и претседател на Руската џудо федерација. Форбс се повикува на документ што го добил од него, а кој покажува дека тој се откажал од руското државјанство во септември 2022 година.

Анисимов го промени своето државјанство од руско во хрватско во средината на 2022 година, претходно објави магазинот Newsweek. Ова, всушност, бизнисменот го изјавил при регистрацијата во британската деловна агенција Companies House. Руската инвазија на Украина започна четири месеци претходно, во февруари 2022 година.

Во 1990-тите, Анисимов се здоби со државјанство на Доминика, островска држава во Карипското Море, за такса од околу 60.000 долари. Во октомври 2003 година, тој го доби првиот хрватски пасош, а во Хрватска инвестираше 11 милиони долари во недвижен имот, според Форбс. Благодарение на хрватското државјанство може слободно да се движи и живее на територијата на Европската Унија.

Можете да прочитате

Пожар во Австралија, повеќе од 2.000 луѓе се евакуирани, температури над 40 степени

Кина: Најмалку две лица загинаа откако товарен брод удри во мост

Две години од почетокот на руско-украинската војна, преговорите се далечна перспектива