Утрински Весник
Свет

Јужна Европа сè уште се бори со големи пожари – Франција и Шпанија стравуваат од нов топлотен бран

Pozari Kalifornija.jpg

Шумските пожари што со денови беснеат во Франција и Шпанија продолжуваат да претставуваат сериозна закана и покрај делумната стабилизација на ситуацијата во некои области, а властите предупредуваат дека нов топлотен бран и силни ветрови би можеле повторно да ги разгорат пламените јазици.

Околу 330.000 луѓе беа евакуирани низ Франција, Шпанија и Италија минатата недела поради шумски пожари, додека претставници на Европската унија предупредија дека пожарите би можеле да траат до почетокот на ноември.

ЕУ испрати дополнителни авиони и хеликоптери за гаснење пожари во Франција и Шпанија, нагласувајќи дека ниту една земја не може да има доволен капацитет сама да одговори на вакви катастрофи.

Експертите и претставниците на Обединетите нации предупредуваат дека комбинацијата од екстремна топлина, продолжена суша и климатски промени придонесува за сè поразорни пожари, а проценките се дека овогодинешните топлотни бранови во Европа одзедоа најмалку 10.000 животи.

Франција

Во Франција, речиси 4.000 луѓе беа евакуирани од кампови, туристички одморалишта и други сместувачки капацитети во одморалиштето Лаканау, западно од Бордо, како мерка на претпазливост поради ризикот од ширење на голем пожар кој досега уништи околу 42.000 хектари шума.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека земјата се соочува со најлошата ситуација со шумски пожари од Втората светска војна и предупреди на „тешки недели“ што претстојат.

Шефот на противпожарната служба на Жиронда, Реми Лазуреј, изјави дека пожарот е „релативно под контрола“, но постои ризик од негово ширење кон Лаканау, што доведе до евакуација на туристичките објекти.

Префектот на Жиронда, Софи Брокас, објави дека во вторник се регистрирани 14 нови жаришта во веќе изгорени области, но дека главниот пожар се стабилизирал и не се шири.

На жителите на некои евакуирани општини им е дозволено да се вратат во своите домови, со обврска да ги следат предупредувањата од властите и да бидат подготвени за нова евакуација доколку ситуацијата се влоши.

Метеоролозите предупредуваат дека температурите во Жиронда и Ланд ќе достигнат 40 степени Целзиусови во среда, со суви ветрови што би можеле повторно да ги разгорат пожарите.

Од почетокот на големиот пожар на 22 јули, околу 222.000 луѓе од 24 општини се превентивно евакуирани.

Шпанија

Во Шпанија, жена која беше тешко повредена во пожар во покраината Алмерија овој месец, почина во болница, со што бројот на жртви во пожарот се искачи на 14.

Властите изјавија дека ситуацијата во некои делови од земјата постепено се стабилизира.

Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, изјави дека нема напредок во пожарите во покраината Авила и регионот на Мадрид во последните 24 часа, што доведе до укинување на наредбите за евакуација во неколку општини и до дозволување на илјадници жители да се вратат дома.

Сепак, голем пожар во областа Вал д’Ихот во покраината Кастелон е сè уште надвор од контрола. Пожарот изгоре околу 10.000 хектари на обем од 75,5 километри, додека околу 10.000 луѓе сè уште се евакуирани. 

Пожарникарите се обидуваат да спречат ширење на пожарот кон природниот парк Сиера де Еспадан, но временските услови го отежнуваат гаснењето од воздух.

Грција 

Борбата со големиот шумски пожар на грчкиот остров Парос продолжи во текот на целата ноќ, додека пожарникарите се обидуваа да го стават пожарот под контрола.

Пожарот, кој избувна вчера попладне, се прошири во зори од областа Агаирија кон Трипити. Досега се евакуирани вкупно девет населби поради ширењето на пожарот.

Во текот на ноќта, грчките власти издадоа две наредби за евакуација. Од вчера попладне, областите Агиос Хараламбос, Камби, Бугадос, Анерака и Камари се евакуирани. Според Противпожарната служба, 66 пожарникари во моментов се вклучени во гаснењето на пожарот.

Можете да прочитате

Русија издаде меѓународна потерница по основачот на Телеграм

Отворена истрага откако иранска телевизија објави видео со упатства како да се убие Меланија Трамп

Собјанин: Москва ноќеска беше нападната со повеќе од 390 дронови