Утрински Весник
Македонија

Љутков: „Скопје – европска престолнина на културата 2028“ е проект на луѓето, не само на институциите

20260423104518 big 730x400 11.webp.webp

Ова не е само проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека „Скопје 2028“ може да биде нешто навистина посебно – порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, одржана во главниот град во рамките на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

Министерот ја нагласи целосната поддршка од Владата, која се изразува преку институционални, финансиски и политички механизми.


– „Скопје 2028“ ја има нашата целосна и безрезервна поддршка. Поддршка што не е декларативна, туку институционална, финансиска и политичка. Поддршка што ќе обезбеди континуитет, координација и стабилност – три услови, без кои ниеден ваков проект не може да успее – истакна Љутков додавајќи дека за реализација се обезбедени 20 милиони евра.

Тој ја опиша титулата европска престолнина на културата како можност за ново гледање на градот и неговата историја.

– Кога зборуваме за европската престолнина на културата, не зборуваме само за титула. Зборуваме за приказни, за луѓе, за градови што се менуваат и се отвораат. Зборуваме за можност еден град да се види себеси на нов начин – и светот да го види него со нови очи – рече Љутков.

Тој најави ревитализација на скопското Кале, конзервација на акведуктот, реконструкција на Универзалната сала и отворање нови културни простори достапни за граѓаните. Истакна дека процесот е долгорочен и ќе остави трајна трага:

– Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе почна – и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа – посочи Љутков.

Според него, проектот е можност за поврзување со Европа, уметниците и младите, но, пред сè, е проект на луѓето.

– „Скопје 2028“ е можност да покажеме кои сме не само пред другите туку и пред самите себеси. Можност да покажеме дека знаеме да работиме заедно, дека знаеме да создадеме и дека знаеме да веруваме во нешто што е поголемо од нас. Затоа што, на крајот, ова не е проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека „Скопје 2028“ може да биде нешто навистина посебно – нагласи министерот.

Настанот се одржува во Скопје, со присуство на претставници од Владата, локалната самоуправа и културните институции.

Можете да прочитате

Малолетничка уценувана со експлицитни фотографии

Левица со филибастер против измените на ДПМНЕ за скандалозни концесии и легализација на упад во приватен имот

Викендов сончево и потопло, од вторник нестабилно со пониски температури и дожд