
Државната изборна комисија (ДИК) ја поништи потврдената листа на советници за Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ), откако било утврдено дека на листата се наоѓа починато лице.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на денешната прес-конференција ја информираше јавноста дека Управниот суд ја одбил тужбата поднесена од партијата и ја потврдил одлуката на Комисијата.
„Одлуката на ДИК останува на сила. Тоа значи дека сите евентуални гласови за оваа листа ќе бидат неважечки. Такви насоки се дадени до Избирачките одбори, Општинските изборни комисии и Комисијата на Град Скопје“, изјави Кондарко.
Од ДНЕТ, пак, реагираа дека нивната листа првично била потврдена од Општинската изборна комисија на Град Скопје како целосна и без недостатоци, и дека државните институции се одговорни за техничките проверки.
„Веруваме дека оваа ситуација е намерна и ќе ги преземеме сите правни чекори“, изјави претседателот на партијата, Ердоган Сарач, додавајќи дека за случајот биле информирани претставниците на ОБСЕ/ОДИХР, Полона Зајец и Јулија Манчин.
И покрај тоа што ДИК соопшти дека гласовите за оваа листа ќе бидат сметани за неважечки, од ДНЕТ велат дека остануваат во изборната трка.
„Според одлуката донесена од Општинската изборна комисија, во нашата листа нема никакви недостатоци. Државните институции се одговорни за евентуални технички пропусти“, нагласуваат од партијата.
Во одлуката на ДИК, која е доставена до ДНЕТ по 19 часот, се наведува дека потврдената листа за членови на Советот на Град Скопје од оваа партија се поништува, а сите гласови за неа ќе се евидентираат како неважечки во записниците за гласање.
Движењето за национално единство на Турците побара оставка од Општинската изборна комисија на Град Скопје и одложување на изборите за 14 дена, со цел – како што велат – „да се исправи оваа неправда“.