Утрински Весник
Економија

Употребата на дигиталните канали за плаќања на граѓаните бележи раст и во првиот квартал од 2026 година

Mobilen telefon zena.jpg

Во првиот квартал од 2026 година, плаќањата со платни налози на граѓаните бележат раст од 10,3% кај бројот и 14,6% кај вредноста на извршените платежни трансакции. Значителен е растот на електронските плаќања, и тоа за 21,9% кај трансакциите и за 23% кај вредноста, во споредба со истиот период од 2025 година.

Најголемиот број од платежните трансакции иницирани по електронски пат во анализираниот период се извршени преку мобилни апликации (72,8%), при евидентиран годишен раст од 25,9%, што потврдува дека употребата на мобилниот телефон преовладува, како најбрз и наједноставен начин на плаќање.


Натамошни позитивни движења има и кај плаќањата со платежни картички. Бројот на плаќањата со картички е поголем за 12,2%, а нивната вредност за 14,5%. Растот кај бројот на плаќањата произлегува пред сѐ од платежните трансакции направени преку интернет  (18,7%), како и од плаќањата на физичките места на продажба (11,7%). Растот на дигиталните плаќања се должи и на воведувањето нови платежни решенија од страна на банките, со кои на граѓаните им се овозможува поедноставно и побрзо плаќање преку мобилни уреди, без употреба на физичка платежна картичка. Дигитализираните картички учествуваат со 17,9% во вкупниот број издадени платежни картички во земјата, а преку секоја дигитализирана картичка се извршени, во просек, 4 трансакции со мобилен телефон во земјава, што укажува на постојано зголемување на користењето на мобилните плаќања и промена на навиките на граѓаните во полза на користењето на придобивките од дигитализацијата.

Наведените податоци потврдуваат дека дигитализацијата на платежните услуги напредува, при што електронските плаќања и платежните картички имаат сè позначајна улога во секојдневните финансиски активности на граѓаните.

Можете да прочитате

СДСМ: 73 % од работниците земаат плата под просечната – тоа не е трета економија во Европа

СДСМ: Животниот стандард на граѓаните е урнат – 50% од вработените имаат плати до 36.000 денари

Бугарија влегува во трката за бакар, Македонија сè уште не го активира потенцијалот на Иловица