
Главниот украински преговарач Рустем Умеров изјави дека втората рунда разговори меѓу Украина и САД во Берлин донела конкретни резултати во обидите за ставање крај на војната со Русија, јавува Ројтерс. Според Умеров, кој е и секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, разговорите што се воделе во изминатите два дена биле конструктивни, со јасен напредок во клучните прашања поврзани со мировниот процес.
Тој нагласи дека американската делегација, предводена од Стив Виткоф и Џаред Кушнер, активно придонесува во напорите за изнаоѓање решение што би довело до долгорочен и одржлив мир. И американскиот специјален претставник Стив Виткоф претходно оцени дека разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кои траеле повеќе часови, резултирале со значаен напредок во преговорите.

