
Нуркањето бара дисциплина, подготвеност, голема инвестиција во обуки, опрема, тренинзи и постојани усовршувања и надградувања. Тоа е специфичен спорт, кој бара откажување од многу задоволства и е начин на живот кај љубителите на подводните авантури. Овој уникатен спорт е одлична можност за промоција на државата и привлекување туристи, кој треба да е дел од севкупната туристичка понуда.
Уникатните нуркачки доживувања, Клубот за подводни дејности Охрид, 40 години ги споделува со своите членови, но и со сите добронамерници кои пројавуваат желба да уживаат во длабочините на езерото и да ја запознаат богатата флора и фауна во бистрите води на Охридското Езеро. Цели 40 години се грижат за езерото што покажуваат многубројните еколошки акции кои резултираат со огромни количини цврст отпад извадени од езерското дно, што се последица на човечката несовесност.
Нуркањето дел од туристичката понуда
Охридското Езеро со својата убавина и карактеристичен подводен свет е своевидна атракција за привлекување туристи. Најинтересен за нуркање е делот од Градиште до Љубаништа, каде подводната убавина посебно плени. Нема многу капачи и сообраќај, има риби, алги, полжави, сунѓери, има што да се види во езерото. Но и покрај својата посебност, недоволно е застапено во туристичката понуда за Охрид и за Македонија.
Нуркањето, според Емил Јовановиќ од Клубот за подводни дејности Охрид, е еден од битните фактори за развој на туризам. Смета дека полека, но сигурно го зазема своето место и туристите имаат можност да видат што се нуди Охридското Езеро и да уживаат во неговата уникатност.
– Во сите големи туристички центри нуркањето зазема едно од првите места во понудата на хотелите и туристичките водичи. Охридското Езеро е уникатно и единствено. Ова што го имаме ние го нема никаде во светот, ендемични риби, сунѓери, полжави…, кои неможе да се видат на друго место во светот, вели Јовановиќ.

Смета дека е потребна поголема промоција на езерото и она што е во езерото, иако во овие 20-тина години било постигнато многу. Во понудите за Охрид постојано се вртат слики од Охридското Езеро и неговото дно.
– Нуркањето станува се подостапно за туристите во Охрид. Доволно е да имаат мало познавање и ќе можат да ги видат подводните убавини на Охридското Езеро. За сертифицираните нуркачи уживањето може да биде поголемо и да нуркаат подлабоко. Најинтересен за нуркање е делот од Градиште до Љубаништа. Нема многу капачи и сообраќај, теренот е карпест, има риби, алги, полжави, сунѓери. Има навистина што да се види на езерското дно, тврди Јовановиќ.
Македонија е атрактивна дестинација за нуркачите од светот, забележува Слободанка Јакимовска од Спелео нуркачкиот клуб „Врело“. Пештерата Врело, која е една од најдлабоките во Европа, нагласува, ја посетуваат нуркачи од Русија, Полска, Чешка, Шпанија, Мексико…
– Дефинитивно го имаме Охрид, бисерот на Македонија. Ја има и пештерата Врело, но Охрид си има свои убавини дури и почетници во нуркањето можат да ги видат убавините на езерото под вода, што поинаку се доживува, вели Јакимовска.
И претседателот на Клубот за подводни дејности Охрид, Горан Балевски, нагласува дека државата има огромен туристички потенцијал со нуркањето.
– Огромен е туристичкиот потенцијал на нуркањето. Само 30 до 40 отсто ни е искористен нуркачкиот туристички потенцијал. Државата и градот треба да учествуваат во промоцијата и афирмацијата. Ние сме спремни да носиме туристи и други нуркачи во секое време, вели Балевски.

Извадениот отпад од езерското дно резултат на човечката свест
Убавините што ги создала природата и она што го нуди Охридското Езеро честопати се засенуваат со несовесноста на граѓаните. Тоа го покажуваат честите подводни еко акции за чистење на езерското дно во кои се вадат тони цврст отпад, пластики, стакло, па дури и покуќнина, шпорети, болјери, автомобилски гуми…
– Состојбата секоја година е се поалармантна. Се повеќе и повеќе отпад има. Се трудиме колку што можеме, но свеста кај луѓето не се менува, забележува Јовановиќ.
Покрај грижата за дното на Охридското Езеро, членовите на Клубот за подводни дејности Охрид, биле дел и од подводни акции низ цела држава за деминирање, вадење давеници, обуки, но и надвор од државата.
– Прв таргет ни се еколошките акции. Езерото е премногу загадено. Посебно не разочарува на местата кај што сметаме дека е најчисто, е доста загадено. Тоа е потегот од Пештани до Свети Наум, кај најубавите плажи. Тој потег последниве години и најмногу го чистиме. Клубот е препознатлив по еколошките акции, покрај во Охридското Езеро реализираме и во другите езера низ Македонија, Дојранско, Преспанско, Мавровско Езеро, вели Балевски.
Еколошки акции се реализираат и покрај кањонот Матка, каде фреквенцијата од посетители е голема, а еколошката свест ниска.
Адреналинско уживање во пештерата Врело
Чувството да се нурка во пештера, за Јакимовска е посебно, а најубаво и е на Матка, во Врело.
– Сите гости што дошле до сега да ја посетат пештерата на Матка се воодушевени. Не наишле на таква убавина, бидејќи отвара огромен простор со преубави ѕидови, преубави карпи, има и сталактити и сталагмити. Сите пештери се на свој начин убави, посебно оние во Мексико, меѓутоа Врело е со слатка вода, извор кој доаѓа од многу длабоко и си има своја убавина. Дополнително е многу пригодна за луѓе кои сакаат да почнат со пештерско нуркање и да дојдат тука да се обучуваат за пештерско нуркање, просторот и длабочината го дозволуваат тоа, истакнува Јакимовска.

Нуркањето начин на живот
За специфичноста на Клубот, кој 40 години се грижи за Охридското Езеро, со многубројните еко акции, подводното чистење на отпадот и подигнувањето на свеста кај населението да го чуваме она што ни го дала природата ни раскажа претседателот Балевски.
– Ние сме едно специфично здружение кое 40 години го чува Охридското Езеро, но и водните пространства низ Македонија со свои сопствени средства, со свој напор. Нуркањето не е некој популарен спорт, но е спорт кој е начин на живот. Ако малку се подружите со сите нуркачи ќе забележите дека сме како едно семејство. Во нуркањето се дели еден медиум, кој во ниеден спорт го нема, односно делите воздух и затоа мора да се има перфектно доверба во другите нуркачи, вели Балевски.
Нуркањето, според него, е специфичен спорт и бара откажување од многу работи.
– Немаме преголем интерес од младите за нуркање. Нуркањето е доста специфичен спорт и бара откажување од многу работи. Мора да се помине обука, да се заборават некои навики како пушењето, излегувањето до доцна навечер, за наутро да се биде спремен за нуркање. Опремата е доста скапа. Иако кај нас во клубот целата логистика е бесплатна, сепак опремата е на трошок на нуркачот. Цел на клубот е да имаме квалитетни нуркачи, нагласува Балевски.

Хипербаричната медицина и нуркањето „брат и сестра“
Балевски, кој по професија е хирург, вели дека нема спорт кој е толку врзан со медицината. Според него, хипербаричната медицина и нуркањето се како „брат и сестра“.
– Хипербаричната медицина значи лекување со кислород над еден бар. Секаде каде не може да помине кислородот на нормален притисок поминува со зголемување на притисокот над еден бар во посебни садови, кои се викаат хипербарични комори. Хипербаричната комора лекува преку 250 болести. Доста од нуркачите знаат перфектно што е кислород и брза помош. Многу ми помогнаа во пандемијата со Ковид. Нуркачите знаеа пет пати повеќе за кислородот од лекарите кои работеа во Ковид центрите, појаснува Балевски.
Водороден нуркач, единствен во Македонија, реткост во светот
Нуркањето со водород е реткост во светски рамки, поради ризикот што го носи. Неколкумина во светот се обиделе да го користат водородот во нуркањето, но не го преживеале подвигот. Но, Македонија го има единствениот водороден нуркач Љубомир Глигоров, кој со таа ризична авантура се забавува низ годините.
– Генерално таа идеја и не е многу прифатена, поради тоа што водородот е запаллив и експлозивен гас. Од таа причина при полнење на боците постои огромен ризик да дојде до експлозија, доколку не се почитуваат процедурите, а едноставно процедури не постојат. На почетокот креирав постапки за полнење боци со водород, додавање кислород, односно правење хипотична смеса, која содржи само четири проценти кислород. И во тие услови водородот не е екслпозивен, ниту запаллив. Проблемот кај оваа смеса е што може да се користи исклучиво од 40 до 300 метри метри длабочина. За разлика од хелиумската смеса, во оваа смеса има наркотичен потенцијал, но со додавање хелиум можно е да се нурка на огромни длабочини и да не дојде до наркоза, појаснува Глигоров.
Според него, има голема разлика меѓу нуркањето со хелиум и со водород, нагласувајќи дека при креирањето на водородот имал многу проблеми.
– Во еден момент се случуваше плуќата да ми гори, но со тек на време го избалансирав гасот и го направив многу покомактибилен со водородната смеса. Го користам редовно и според записите што сум ги прочитал со толкав број на нуркања сум единствен во светот, истакнува Глигоров.
Нуркачите од земјава изминатиот викенд имаа можност да ги споделат своите искуства и знаења на третиот нуркачки конгрес на кој беше одбележан јубилејот 40 години постоење на Клубот за подводни дејности Охрид.

Слаѓана Стојкова Костоски