
Обвинителството смее да дискредитира исказ, но не и да ја дискредитира личноста на обвинетиот, изјави денеска адвокатот Владимир Туфегџиќ по завршувањето на судското рочиште на кое беше испрашуван Александар Ѓорчевски за убиството на неговата ќерка, Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Туфегџиќ тврди дека обвинителството се обидело да го дискредитира обвинениот Александар Ѓорчевски затоа што, како што изјави, им смета дека со завршување на испрашувањето, немаат никаква основа да го држат како обвинет во случајот со убиството на неговата ќерка, Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
„Единствено што ми пречеше беше дозата на дискредитација од страна на јавниот обвинител. Тој смее да дискредитира исказ, но не и личноста на обвинетиот. И тука се почувствува тоа, еден малку понижувачки однос кон Александар. Тоа го забележавте по прашањата кои беа поставени и се од лична природа. Ова денеска значеше проверка на Александар, проверка на сите искази на Александар дадени во постапката, вклучително и полициската и истражната постапка, и постапка пред јавен обвинител. Јас сум лично задоволен и во основа нема никаква основа ниту аргумент понатаму да го држи Александар со вакво обвинение“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот изрази увереност дека правдата ќе биде задоволена, додавајќи дека конечната одлука ја носи Судот.
„Ќе се воздржам од очекувањата, мислам дека ќе проработи свеста и совеста на Обвинителството. Секако сум сигурен и убеден дека и тие се сигурни и убедени дека докрај не може да додржи обвинението кон Александар, но да причекаме. Ќе го видиме тоа некаде пред завршните зборови дали обвинителот ќе се охрабри тоа да го направи. На крајот на краиштата конечната одлука ќе ја донесе судот“, дополни тој.
Во врска со прашањата зошто договорите за дар на становите на Вања и Миња сѐ уште не се солемнизирани, адвокатот рече дека не заслужуваат никаков коментар.
„Не заслужува никаков коментар бидејќи јавниот обвинител освен тоа што е факт дека не е до крај завршена процедурата за солемнизација на договорите, тие договори и тие трансакции не ги довел со ниту еден доказ во ниту една конотација со ваков грозоморен чин и со вакво убиство. Во тој дел и самиот Александар неколку пати го праша обвинителот да му појасни на што точно алудира и тука завршува мојот коментар’, рече тој.
Претходно денеска таткото на Вања одговараше на прашања од Обвинителството кое се обидуваше да го дисквалификува. Тој одговараше на вкрстени прашања поврзани со неговиот живот, исчезнувањето на Вања и потрагата по неа. Ја критикуваше полицијата, наведувајќи дека не видел конкретни чекори за пронаоѓање на Вања.
Ѓорчевски денеска одби да одговара на прашањата на Палевски, кажа само дека не го познава.
„Немам коментар“, беше одговорот на прашањата поставени од обвинетиот Љупчо Палевски.
Тој одговори единствено на првото прашање на Палевски, во врска со тоа дали слушнал дека има комуникација со кој било член од неговото семејство, при што замоли веќе да не одговара на прашањата од Палевски.
Останатите обвинети и нивната одбрана, како и судот, немаа прашања за Ѓорчевски.
Судењето продолжува во понеделник, на 14 март, со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.