Утрински Весник
Македонија

Тренчевска: Пред две години млекото се откупуваше по цена од 34 денари, а сега за 24 денари за литар, одговорност од најнеспособниот Трипуновски

Jovana trencevska sdsm.jpg

Соопштение за јавност на СДСМ

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница за интерпелација на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, порача дека земјоделството е доведено во алармантна состојба, а министерот мора да понесе политичка одговорност за неисполнетите ветувања, хаосот во секторот и корупциските скандали.


„Денес расправаме за работата на најнеспособниот министер Цветан Трипуновски за неговата одговорност пред земјоделците, сточарите, овоштарите, лозарите и одговорност пред граѓаните”, истакна Тренчевска.

Таа нагласи дека по речиси две години од доаѓањето на Трипуновски на функцијата, ветувањата за „нова ера” во земјоделството останале само празни зборови.

„Имаме сектор којшто се соочува со огромни проблеми. Имаме земјоделци кои не знаат што ќе произведуваат следната година. Имаме сточари коишто се откажуваат од производството. Имаме млади луѓе коишто не ја гледаат перспективата во земјоделството. И најважно, имаме министерство коешто повеќе се занимава со пропаганда отколку со решавање на проблемите”, рече Тренчевска.

Таа посочи дека субвенциите доцнат, земјоделците не можат да аплицираат за нови мерки, а пред жетвата нема ниту утврдени производствени ниту откупни цени.

„Од вашите ветувања останаа само билбордите, прес-конференциите и долгиот список на неисполнети ветувања. Ветувавте поголеми субвенции. Не само што ги намаливте, туку и не ги исплаќате”, нагласи Тренчевска.

Во своето обраќање таа потсети и на намалените субвенции за тутунот, неисплатените субвенции за сточарите, доцнењето на исплатите за градинарството, живинарството и пчеларството, како и драматичниот пад на откупната цена на млекото.

„Пред две години млекото се откупуваше по цена од 34 денари за литар, денес производителите добиваат 24 денари со најава на уште дополнително намалување. Во исто време цените на сточната храна, ветеринарните услуги и горивото се поскапи од било кога. Фарми се затвораат, министерството молчи и не презема ништо”, истакна Тренчевска.

Осврнувајќи се на скандалите во ресорот, Тренчевска посочи дека за помалку од две години се уапсени двајца директори на институции под надлежност на Министерството за земјоделство.

„Кога еден директор ќе биде уапсен тоа може да биде индивидуален случај, ама кога двајца директори од истиот сектор ќе бидат уапсени, тогаш тоа веќе е сериозен системски проблем. Тогаш прашањето не е што направиле тие. Прашањето е што направил министерот да го спречи тоа пред да се случи?”, порача таа.

Тренчевска оцени дека наместо ветениот европски развој, земјоделството денес се соочува со нарушена доверба и сериозни последици за целиот сектор.

„Колку скандали се потребни за некој да поднесе политичка одговорност? Колку нарушена доверба треба да има за да се признае дека немате капацитет за таа функција?”, праша Тренчевска.

Таа порача дека земјоделците заслужуваат институции кои работат за нив, а не политички маркетинг.

„Земјоделецот кој произведува храна за оваа држава заслужува почит, а не понижување. Заслужува институција којашто ќе му помогне, а не институција којашто се користи за политички маркетинг”, истакна Тренчевска.

Доцнењето на субвенциите, падот на откупните цени, незадоволството кај земјоделците и серијата корупциски скандали се доволни причини за политичка одговорност од министерот Трипуновски.

„Кога имаме незадоволни земјоделци, кога имаме недостиг на резултати, нарушена доверба во институциите и апсења на високи функционери во ресорот, тогаш Собранието има обврска да испрати јасна порака. Порака дека политичка одговорност мора да има”, порача Тренчевска.

Можете да прочитате

Велешанец тешко повреден откако со мотор излетал од патот

Давкова од Софија: Мора да го оживееме духот на регионалната соработка

Жена вработена во училиште во Црешево починала на работно место