
Американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалните мрежи изрази поддршка за автомобилската компанија на Илон Маск, во изненадувачки потег со оглед на нивниот јавен спор.
– Сакам Илон и сите фирми во нашата земја да напредуваат, напиша Трамп на мрежата Трут Соушл.
Оваа објава не беше доволна да им помогне на акциите на компанијата „Тесла“ на Маск, чија вредност нагло падна кога компанијата објави уште еден квартал со слаби финансиски резултати, а Маск предупреди дека ги очекуваат потенцијално „тешки квартали“ и во текот на идната година. Во попладневното тргување, вредноста на акциите на „Тесла“ падна за речиси девет отсто.
Доцна синоќа компанијата „Тесла“ соопшти дека нејзините приходи паднале за 12 отсто, а добивката за 16 отсто во кварталот од април до јуни. Многу идни купувачи се откажаа поради влезот на Маск во политиката, а и конкуренцијата се засили на клучните пазари како што се Европа и Кина.
Инвеститорите се исплашени поради расправијата на Маск преку социјалните мрежи со претседателот на САД, бидејќи Трамп се закани дека ќе возврати со прекинување на владините договори и поволности за различните фирми на Маск, вклучувајќи ја и „Тесла“. Но денеска, Трамп зазеде сосема поинаков тон.
– Сите велат дека јас ќе ги уништам компаниите на Илон со одземање на некои или сите големи субвенции што ги добива од американската влада. Тоа не е точно. Колку подобро им оди нив, толку подобро ѝ оди на Америка, и тоа е добро за сите нас, напиша Трамп.
По усвојувањето на големиот буџетски закон на Трамп претходно овој месец, „Тесла“ се соочува со губење на даночниот кредит од 7.500 долари за електрични возила и може да заработи многу помалку пари од продажба на регулаторни кредити на други производители на автомобили. Царините на Трамп за земји како Кина и Мексико ќе ја чинат „Тесла“ стотици милиони долари, соопшти компанијата кога го претставуваше својот извештај за резултатите.
И самиот Маск го критикуваше предлог-законот за буџетот на својата социјална мрежа X поради, како што рече, зголемувањето на американскиот долг кога тој е веќе преголем. Генералниот директор на „Тесла“ го нарече буџетот за кој се заложи американскиот претседател „гнасна одвратност“ и се закани дека ќе формира сопствена политичка партија.
За време на вчерашното претставување на резултатите, Маск рече дека „Тесла“, која произведува електрични возила, ќе се соочи со „неколку тешки квартали“ бидејќи компанијата ќе се движи помалку кон продажба на возила, а повеќе кон нудење возења во возила без возачи. Тој зборуваше и за бизнисите на компанијата во производство на хуманоидна роботика, но призна дека тие бизниси сè уште се далеку од тоа да можат да придонесат за подобрување на приходите на „Тесла“.