Утрински Весник
Македонија

Трагедија на скопската обиколница: Загина баритонот и првенец на НОБ, Ристе Велков

Riste velkov.jpg

Македонската музичка сцена и Национална опера и балет останаа без еден од своите најпрепознатливи уметници, откако баритонот и првенец на НОБ, Ристе Велков, трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на скопската обиколница.

Информацијата за трагичната смрт ја потврдиле од Националната опера и балет за САКАМДАКАЖАМ.МК.


Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 23 часот на делницата меѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. Товарно возило „МАН“ со полуприколка, управувано од 76-годишен државјанин на Косово, изгубило контрола, ја пробило металната ограда и навлегло во спротивната лента, каде директно се судрило со автомобил „БМВ“ со скопски регистарски таблички, управуван од 51-годишниот Ристе Велков.

Од силниот удар избувнал пожар во двете возила, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипи на скопската противпожарна бригада.

На местото на несреќата животот го загубиле Ристе Велков, двајца сопатници на возраст од 20 години од Скопје, како и уште едно лице чиј идентитет сè уште не е утврден. По наредба на јавен обвинител, телата се предадени на обдукција.

Возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Ристе Велков е роден во 1975 година во Скопје и важеше за еден од најистакнатите баритони во земјава. Како солист-првенец на Националната опера и балет беше препознатлив по своите белканто изведби и по специфичната кадифена боја на гласот, поради што често беше нарекуван „италијански баритон“.

Во текот на својата богата кариера реализирал 26 оперски улоги, а во неговиот репертоар се издвојуваат главните улоги во оперите Набуко, Риголето, Магбет и Травијата.

Поради увидот на местото на несреќата, сообраќајот на скопската обиколница бил во прекин до раните утрински часови, а нормализиран бил околу 5 часот.

Можете да прочитате

СДСМ: Уште 9 дена до неисполнување на ветувањето на Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и Заев повторно нудат распродажба на Македонија за личен спас

Денеска очекувајте врнежи, грмежи и локално невреме