Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека не постоеле услови за да биде санкционирано службеното лице што тепаше друг полицаец пред кафе-барот „Мош“ во Скопје, а за кој опозицискиот СДСМ деновиве обвинува дека е ослободен од одговорност.
-Во моментот кога Одделот за внатрешни работи утврди потреба од отпочнување на соодветна постапка лицето, од интерес за опозицијата, беше суспендирано од страна на МВР се до моментот на окончување на соодветната постапка којашто беше преземена. МВР поднесе соодветна кривична постапка пред надлежните институции. Надлежниот јавен обвинител утврдил во конкретниот предмет дека предметниот полициски службеник треба да се ослободи од одговорност и актот е доставен во рамки на дисциплинската постапка која што е водена во Министерството за внатрешни работи – рече Тошковски.
– Advertisements –
Тој додаде дека и од страна на дисциплинската комисија е утврдено дека за предметното службено лице не постојат услови за да биде санкциониран во рамки на дисциплинската постапка којашто е спроведена во министерството. Според него, не треба да се шират дезинформации.
„Фокус“ објави дека тепаниот полицаец кој беше нападнат во февруари пред кафе – барот „Мош“ самиот побарал од Обвинителството кривично да не го гонат Ивица Бисовски, поранешниот телохранител на сегашниот премиер Мицкоски.