Во многу делови на Грција од петок се очекува температурите да се искачат над 40 Целзиусови степени. Во главниот град Атина в сабота максималните температури би можеле да достигнат до 45 степени, соопшти денеска грчката државна метеоролошка служба. Надлежните ги повикуваат граѓаните и туристите да бидат внимателни и препорачуваат избегнување тежок физички напор.
Многу градови и општини ќе отворат климатизирани простории за граѓаните, каде што луѓето ќе може да бараат засолниште. Повеќе синдикати побараа петок да се прогласи за неработен поради горештините, но Владата сè уште не се изјасни за ова.
Луѓето се повикуваат да работат од дома ако е можно. Од работодавците беше побарано да не бараат од своите работници да вршат тешка физичка работа на отворено.
Метеоролозите сè уште не можеа да кажат колку долго ќе трае топлотниот бран. Сепак, стравуваат дека високите температури би можеле да траат и до 10 дена. Опасноста од шумски пожари во моментот не е голема бидејќи до пред неколку недели често во Грција врнеше силен дожд.