Пред една година, кога градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ го презедоа раководењето со општините, наследија многу долгови, демотивирана администрација и многу нерешени проблеми. 365 дена сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ без исклучок се посветија во целост на решавање на проблемите на граѓаните, создавање отворени општини, кои се сервис на народот и реализирање на ветеното, истакна на денешната прес-конференција, Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа, ВМРО-ДПМНЕ почнува организирана акција на отворени денови во општините, каде што ја има одговорноста да управува и граѓаните ќе може да дојдат и предложат идеи што ќе бидат вклучени во наредниот буџет, но и да се запознаат со идните проекти. Општините во кои градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ја имаат одговорноста да управуваат со процесите ќе бидат отворени во наредните два викенда во период од 11 до 14 часот. Оние што нема да бидат во можност да ги посетат општините, ќе имаат можност и онлајн преку веб-страницата budzet.mk да ги предложат своите идеи“, рече Томовски.
Идеите, додаде тој, ќе бидат разгледани од стручни тимови од Општината раководени од градоначалникот и одговорните по сектори, кои имаат децениско искуство во водење на локалната самоуправа.
Секој буџет, според Томовски, што ќе се донесе, ќе биде заедно со граѓаните.