Утрински Весник
Македонија

Тестот на Димитровска го полагал друг, таа му пишала: „Злато си, частам ручек“

Tatjana dimitrovska.png

Поранешната претседателка на Државна комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, се соочи со сериозни обвинувања во судница, откако Јавно обвинителство презентираше пораки кои, според обвинението, покажуваат дека друго лице полагало испит во нејзино име за добивање сертификат со највисок степен на доверливост – „државна тајна“.

Димитровска е обвинета за компјутерски фалсификат и одавање службена тајна, а според доказите што беа изнесени, таа му ги дала своето корисничко име и лозинка на ревизорот Миле Столевски за да пристапи на системот и да го полага тестот наместо неа.


По успешно завршениот испит, според презентираните пораки, Димитровска му испратила порака: „Ај честито и злато си, частам ручек“.

Во комуникацијата што беше прочитана во судница, Столевски ја известувал дека ќе започне со полагање, на што таа му одговорила: „Ради ДКСК, ај со среќа“. Подоцна го прашала и како напредува, а тој ѝ возвратил дека го завршил курсот и продолжува со тестирањето.

На крајот, според обвинителството, на име на Татјана Димитровска бил издаден електронски ПДФ сертификат од надлежната институција за класифицирани информации.

Во својот исказ пред судот, Димитровска изјави дека не се чувствува виновна.

„Ја разбирам содржината на обвинението и не ги признавам делата. Не се чувствувам виновна и мислам дека не сум сторила ништо за што сум обвинета“, рече таа.

Димитровска претходно поднесе оставка од функцијата претседател на Антикорупциската комисија, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за одавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Можете да прочитате

Кражба на електрична енергија во вредност од над 22.000 евра откриена на Попова Шапка

ЦУ: Етапно царинење на употребувани автомобили и користење на други расположиви податоци, наместо податоци од електронскиот Шваке систем кој е хакиран

Минчев: Инвестицијата во знаење и компетенции е инвестиција во силни институции и одржлива европска иднина