
Пратениците на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја напуштија собраниската седница на која на дневен ред беа пратенички прашања и резолуцијата на владејачкото мнозинство против нелегалната миграција.
Потегот уследи по обраќањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој од собраниската говорница оцени дека е бесмислено опозицијата да поставува пратенички прашања кога во салата не се присутни министрите до кои тие се упатени.
Тој посочи дека и покрај тоа што премиерот имал право да назначи заменик, а СДСМ доставила нов список со министри за прашања, министерот за економија и министерот за животна средина не биле присутни. Според Спасовски, на ваков начин се обесмислува контролата врз извршната власт.
Координаторот на СДСМ упати критики и за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ против нелегалната миграција, оценувајќи дека со неа се осудува опозицијата, што, како што рече, е преседан во парламентарната демократија. Тој додаде дека одлуката за повторно прогласување кризна состојба е ништовна и дека СДСМ нема да учествува во работата на седницата.
Собранискиот спикер Африм Гаши изјави дека пратеничките прашања се клучен инструмент на опозицијата за барање отчет од Владата и нагласи дека односот на Владата кон Собранието треба да се подобри.
На критиките возврати координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој оцени дека СДСМ избегнува да го користи механизмот што ѝ стои на располагање. Според него, резолуцијата не е насочена кон осуда на опозицијата, туку кон осуда на манипулациите што, како што рече, се шират во јавноста и кон потврда на политиките на власта против нелегалната миграција.
Мицевски додаде дека СДСМ, иако јавно зборувала за сопствена резолуција, истата не ја доставила во Собранието, повикувајќи ја опозицијата тоа да го стори доколку сака да се отвори суштинска дебата.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека со напуштањето на седницата СДСМ ја покажала својата лицемерност и најавија дека резолуцијата на владејачкото мнозинство ќе биде изгласана, со што, според нив, ќе се стави крај на „измислената тема за наводни мигранти“.



