Утрински Весник
Македонија

Таткото на Вања побарал полиграф уште на првиот исказ, но обвинителството одбило

Tatko vanja 1.jpg

Александар Ѓорчевски, таткото на трагично убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, денеска сведочеше пред судот и повторно изрази незадоволство од односот на институциите за време на истрагата. Тој нагласи дека уште при првиот негов исказ во истражната постапка побарал да биде подложен на полиграфско тестирање со цел, како што рече, „дефинитивно да се докаже вистината“. Сепак, неговото барање било одбиено од страна на обвинителството.

„Јас на првиот исказ кај вас побарав детектор на лаги. Ми рековте дека во таа фаза не е дозволено. Тој уред децидно ќе покаже дали ја говорам вистината. Од мене ви е таа информација“, изјави Ѓорчевски обраќајќи ѝ се директно на обвинителката во судницата.


Тој истакна дека од самиот почеток инсистирал на соработка и транспарентност, но, според него, институциите не покажале волја да ги искористат сите можни алатки за расветлување на случајот. Во своето сведочење тој апелираше до обвинителството да го анализира целосното негово движење преку системот за видеонадзор „Безбеден град“ во деновите пред и по исчезнувањето на Вања.

„Зошто не ја продолживте снимката уште 10 секунди, каде се гледа како веднаш се враќам назад?“, праша Ѓорчевски, алудирајќи на видео-снимка на која се гледа како неговото возило го преминува мостот кај Александар Палас, но не и враќањето назад.

Тој потенцираше дека дел од снимките се користат селективно и без контекст, што, како што рече, остава простор за манипулација со фактите и за погрешна перцепција во јавноста. Својот исказ го заврши со повик за целосна објективност и непристрасност од страна на правосудните органи, додавајќи дека неговата единствена цел е да се расветли целосно случајот и да се најде правдата за неговата ќерка.

Можете да прочитате

Централното претседателство на АА на Таравари одржува седница, ќе одлучува како ќе настапи на локалните избори

Приведен командирот на ПС Кочани кој беше разрешен а кој раководел со станицата за време на пожарот

Коцевски за „Пулс“: Сите министри не ги почитувале законите и издале лиценци со нецелосна и законита документација