Утрински Весник
Магазин

Стефан Давидовски ја објави „Ќе станам пак“, песна за надежта, новите почетоци и вербата во себе

Img 3835.jpeg

Стефан Давидовски ја објави својата нова песна „Ќе станам пак“, македонска балада која носи универзална порака за новите почетоци, вербата во себе и храброста секогаш да се движиме напред.

Давидовски се потпишува како автор на текстот, со придонес на Новица Коцев, додека музиката, аранжманот и продукцијата се дело на Мартин Данчев, мастерингот го изработи Дарко Димитров.


Песната започнува интимно, предводена од пијано и вокал, а постепено прераснува во побогата и подинамична звучна слика, со детскиот хор како еден од највпечатливите моменти во завршницата.

„Најубавото за мене кај ‘Ќе станам пак’ е што секој може да ѝ даде свое значење. За некого тоа е нов почеток, за друг нова цел или едноставно потсетување да продолжи напред. Сакав песната да носи надеж и секој да може да ја пронајде својата приказна во неа“, вели Давидовски.

Во снимањето учествува Детскиот хор при ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје, под подготовка и диригентство на Вера Ангеловска.

Песната е придружена со официјален видеоспот со минималистички и симболичен визуелен пристап. Белите платна, ракописот и светлината го градат визуелниот свет на „Ќе станам пак“ и ја надополнуваат нејзината порака.

Концептот и режијата се на Just Alex, а камерата и видеомонтажата на Ангел Павловски.

Со „Ќе станам пак“, Стефан Давидовски отвора ново музичко поглавје, со фокус на авторска музика и градење сопствен музички израз.

Песната е достапна на YouTube и на музичките стриминг платформи.

Можете да прочитате

Француски научници тврдат дека создале нов облик на мраз со топлина од над 2.300 степени

Со три утрински навики до помал стрес во текот на денот

Во Јапонија воведуваат Итна помош за хуманоидни роботи на кои ќе им се „слоши“