Утрински Весник
Македонија

Таравари: До понеделник ќе стигнат сите лекови за онколошките пациенти

Onkologija.jpg

Се комплетира биолошката терапија на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Во текот на денешниот ден ќе стигнат уште два лека, до понеделник сите 60 пациенти за кои немаше терапија, ќе можат да ја примат. Добавувачи на целокупната терапија за онколошките пациенти во вредност од 500.000 до 700.000 евра се пет фармацевтски компании, вели Таравари.

„Повеќе веледрогерии се. Јас знам дека е „Алкалоид“, знам дека е „Д-р Пановски“ и уште две или три. Меѓутоа тоа не е ниту важно, ниту релевантно. Важно е дека е отворена конкуренцијата за сите, значи немаме предрасуди за некого. Вредноста е некаде 500.000 до 700.000 евра. Меѓутоа точни информации можеме да добиеме од директорот на Онкологија за вредноста и мислам дека се четири или пет компании“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.


Запрашан за колкав период е набавена терапија, Таравари одговори:

„Веќе е стигната дел од терапијата. Утре уште два лека и понеделник уште три. Практично ги имаме сите лекови кои што требаат. Првпат се случува за наше време да нема терапија, меѓутоа да не заборавиме повторувам не знам по кој пат, 95% од пациентите се третираат и имаат терапија, недостасуваше само за 5%. И да не заборавиме оваа набавка не сме ја направиле ние, но тоа е неважно за пациентите, важно е тие да имаат терапија“.

Во меѓувреме се поставува и прашањето дали деновиве се трошат и последните количини на имунолошката терапија на Онкологија, која е различна од биолошката. Дел од пациентите кои ја примиле во текот на вчерашниот ден реагираат дека им било кажано дека за 21 ден најверојатно нема да можат да ја примат.

Според директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија Стојковски, во тек е јавната набавка за имунолошка терапија и таа ќе биде достапна за пациентите. Сепак, меѓу проблемите со кои и понатаму се соочуваат самите пациенти и нивните семејства е недостигот на децентрализација на онколошката терапија за да не мора да патуваат до Скопје во оној момент кога треба да ја примат.

Извор: Телма

Можете да прочитате

Изет Меџити: Србија е полудемократски режим

Граѓани повикуваат на протест по смртта на Фросина

Апасиев: Благодарност до сите кои ја прифатија нашата иницијатива за надзорна расправа за аерозагадувањето