Утрински Весник
Македонија

ЛДП: Спротивно од премиерот, иселувањето ќе се интензивира во наредните години

Ldp 960x505 1.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП:

Додека премиерот шири розева пропаганда за наводен просперитет, суровата реалност и најновите PISA резултати покажуваат поразителна слика за Македонија: загрижувачка елементарна и функционална неписменост кај младите и целосен слом на образовниот систем. Оваа општествена хаварија директно се пресликува и во судството, каде што одлуките станаа целосно неразбирливи за обичниот човек. Во оваа држава, за ситен криминал се одговара експресно, додека за најголемите коруптивни процеси постапките немаат завршница или завршуваат со ослободителни пресуди за кои дури и не се објавуваат пишани образложенија, како што е случајот со „Талир 2″ и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. За да се види каде завршиле искрадените пари од џебот на граѓаните, не треба замислување или правни филозофии — доволно е само да се отворат очите во центарот на Скопје и да се погледнат онаа огромна камена палата со толку спратови и целиот плоштад пред неа.


Македонија денес не се соочува со изолирани грешки, туку со невидена серија на скандали што го уништуваат секојдневието на граѓаните. Власта новата учебна година ја започна со скандалозно преображение на наставните програми и слушање црковни писма наместо наука, додека прославата на независноста ја претвори во коруптивен спектакл со приватизација на државни функции. Генералната неказнивост гарантирана преку Кривичниот законик, законите заглавени со месеци, и трагичниот, животозагрозувачки недостиг на лекови на Онкологија се само потврда дека системот е целосно заглавен. По истиот овој коруптивен модел денес на сите им е јасно зошто бегаме од европските правила и зошто по истиот принцип паѓаат економијата, здравството и образованието.

Во вакви катастрофални околности, Либерално-демократската партија (ЛДП) констатира дека, спротивно од празниот оптимизам на премиерот, иселувањето од Македонија не само што нема да запре, туку драматично ќе се интензивира во наредните години како директна последица на ова лошо владеење. Кој нормален човек, млад професионалец или родител би останал да живее во земја каде што ги нема основните услови за здравје, правда и заштита на сопствените деца? Единствените кои со задоволство ќе останат во ваква заглавена држава се луѓето од партиската елита на ВМРО-ДПМНЕ, кои се и единствените кои ја градат сопствената иднина врз грбот на оние кои си заминуваат.

Можете да прочитате

Левица: Невиден апсурд е Владата да одлучи за 300 милиони, а потоа да тврди дека парите не се државни

Мобилниот тим „Task Force“ пронајде дрога во Љубаништа, уапсено едно лице

СДСМ: Има само една банда – ВМРО-ОКГ и нејзиниот шеф арамија Мицкоски