Утрински Весник
Македонија

Талески за Тошковски: Пет тони дрога поминаа преку граница, а никој не одговараше

Mile taleski sdsm.jpg

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната собраниска седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, нагласи дека толку многу скандали и криминал се случија изминатите две години со Тошковски на чело на МВР, што не се знае од каде  да се почне. Талески посочи дека за две години имаме експлозија на насилен криминал и трговија со дрога, а нема ниту одговорност, ниту разрешница. Тој посочи дека шест месеци нема одговорност за тоа како пет тони дрога ја поминаа границата.

„Толку многу скандали се случија во изминатите 2 години што не знае човек од каде да почне. Пет тони дрога поминаа преку граница. Не пет килограми, не педесет килограми, 5 тони. Шест месеци подоцна нема одговорност. Нема разрешувања. Нема оставки. Нема виновници. Како поминаа пет тони дрога, министре, преку македонската граница? Кој од МВР го дозволи тоа? Кој ги штити? Одговор нема”, рече Талески.


Во обраќањето, Талески нагласи дека во кабинетот на министерот Тошковски советуваат луѓе со кривични постапки поврзани со организиран криминал.

„Во мојот Прилеп, министерот двапати одобрува неплатено отсуство од по три месеци на началник на СВР за да работи градежништво во Америка. Наместо да се грижи за безбедноста на граѓаните. Наместо да раководи со полицијата. Наместо да биде на работното место. Парадокси. Ќе оди во Америка да работи. А кој е резултатот знаат прилепчани. До денеска, за 2 години, имаме експлозија на насилен криминал и трговија со дрога”, рече Талески.

Тој додаде дека ако Тошковски имаше морал, денес не требаше да биде предмет на интерпелација.

„После сите скандали, после сите пропусти, после сите убиства, трагедии, безбедносни инциденти, после пет тони дрога што поминаа преку македонската граница, после распадот на безбедносниот систем – Панче Тошковски требаше сам да си поднесе оставка”, рече Талески.

Можете да прочитате

Тошковски: „Не се напаѓа оној што не работи — толкава сила се крева само против оној што менува нешто” 

Хаос во Скопје: Со автомобил неколку пати намерно удрил во мотоциклист

Двајца турски државјани уапсени на ГП Деве Баир