Утрински Весник
Свет

Тајани: Ако сака реизбор Фон дер Лајен ќе мора да се договори со блокот на Мелони  

20240702111618 Big 730x400 79 1.webp.webp

Единствен начин Урсула фон дер Лајен да биде реизбрана за претседателка на Европската комисија во Европарламентот, е коалицијата што застана зад нејзината кандидатура да се договори за поддршка со групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), смета италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани.

Несомнено е дека Фон дер Лајен ќе го помине гласањето, но ќе биде принудена да побара поддршка од конзервативците и верувам дека ќе го стори тоа, изјави Тајани во интервју за весникот „Кориере дела Сера“.

Тајани е лидер на партијата Форца Италија (ФИ), која е дел од Европската народна партија (ЕПП) на Фон дер Лајен. Форца Италија е дел од италијанската владина коалиција предводена од премиерката Џорџа Мелони, која е лидерка на Браќата на Италија (ФДИ), најбројната партија во десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).

До 18-ти ќе работам на тоа. Треба да се отвориме за конзервативците предводени од Мелони, ако сакаме да се осигуриме дека Фон дер Лајен ќе ги добие потребните гласови. Заради стабилност, важно е мнозинството да биде широко и сигурно, додаде Тајани, кој е и еден од потпретседателите на ЕПП.

Според него, ваквата „проширена“ коалиција за поддршка на Фон дер Лајен е неопходна, бидејќи некои европратеници од т.н. „проевропски“ блок на ЕПП, социјалдемократите и либералите, што застанаа зад нејзината кандидатура, би можеле да гласаат против неа и таа да не го добие потребниот број гласови за нејзиниот реизбор.

За да биде реизбрани на Фон дер Лајен и е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници или 361 глас. ЕПП, социјалдемократите и либералите заедно имаат 399 пратеници или 38 повеќе од потребните за реизбор, но не е сигурно дека сите тие ќе ја поддржат нејзината кандидатура, имајќи пред вид дека гласањето е тајно што им овозможува на европратениците да не ги почитуваат насоките на групите на кои им припаѓаат. При нејзиниот прв избор за претседателка на Европската комисија во 2019 година Фон дер Лајен доби 383 гласа, иако во тоа време трите групи што застанаа зад нејзината кандидатура имаа 442 пратеници.

Тајани додаде и дека преговорите меѓу Мелони и фон дер Лајен „напредуваат“, истакнувајќи дека на претседателката на Европската комисија и требаат гласовите на ФДИ за да биде сигурна во нејзиниот реизбор.

Фон дер Лајен уште во текот на кампањата за Евроизборите не ја исклучи можноста за соработка со некои од „поумерените партии“ од ЕЦР, на што се спротивставија социјалдемократите и либералите. Социјалдемократите уште посочија и дека „нема да седнат на иста маса за преговори со Мелони“.

Претходно дипломатски извори брифираа дека Мелони ја условила поддршката за Фон дер Лајен со добивање на „важно“ еврокомесарко место поврзано со економските ресори за Италија и именување на кадар на ЕЦР за извршен потпретседател или потпретседател на Европската комисија.

Тајани во интервјуто за „Кориере дела Сера“ посочи дека верува оти Италија „има право на важна позиција“ во новата Европска комисија и дека „не може да остане без важен комесар и потпретседател“.

Според Тајани, актуелниот италијански министер за европски прашања Рафаеле Фито, кој доаѓа од редовите на ФДИ на Мелони, би бил соодветен кандидат за еврокомесар.

Комесарот мора да има одредени карактеристики, како познавање на бриселската машинерија, да е познат и да може да ги помине сослушувањата. Фито ги исполнува сите овие барања, додаде Тајани.

Инаку, Тајани од 1994 до 2008 и од 2014 до 2022 беше европратеник, а во периодот од 2008 до 2014 еврокомесар за транспорт и за индустрија и претприемништво. Од 2014 до 2017 беше потпретседател, а од 2017 до 2019 и претседател на Европскиот парламент.

Можете да прочитате

Се урна балкон, има жртви, 7 деца меѓу повредените во Неапол

По петнаесетдневниот топлотен бран од денеска пад на температурите во Грција

Две анкети покажаа дека Трамп ќе ја победи Харис на изборите