
Од 27 април до 4 мај, во Туркије ќе се одржи Претседателската велосипедска трка – TUR 2025. На престижниот спортски настан ќе учествуваат велосипедски тимови од Соединетите американски држави (САД), Германија, Кина, Белгија, Франција, Холандија, Шпанија, Италија, Казахстан, Малезија, Норвешка, Полска, Туркије и други земји. Извесно е дека ќе учествуваат велосипедисти кои ја преставуваат елитата во овој спорт.
Овој светскиот велосипедски настан ќе се одржи по 60-ти пат, во организација на Турската велосипедска асоцијација, а под покровителство на претседателот на Република Туркије. Настанот е поддржан од Министерството за млади и спорт и Турската агенција за промоција и развој на туризмот (ТГА). Оваа велосипедска трка освен што ја тестира подготвеноста на велосипедистите, е атрактивна и заради живописната рута по која ќе се одвива, која вклучува импресивни природни и културни богатства на земјата.
Трката се состои од осум етапи и почнува од срцето на турската ривиера, Анталија, па поминува низ Кемер, Калкан, Фетје, Мармарис, Акјака, Ајдин, Кушадаси, Селчук и Чешме, пред да заврши во егејскиот бисер, Измир. Првата етапа во Анталија (132 км) ќе понуди патување низ историските знаменитости на градот, како што се улиците Калеичи, портата Адријан и минарето Јивли, како и античкиот град Сиљон и Белек.
Следната етапа, помеѓу Кемер и Калкан, во должина од 167,4 км, ја опфаќа рутата од плажата Патара, легендарните пламени на Јанарташ, ликискиот скапоцен камен Мира, Финике, Демре, Каш и иконската плажа Капуташ. Етапата Фетје-Мармарис, долга 175,9 км, минува низ долината на пеперутките, Олудениз, каде што можат да се видат и загрозените желки Карета карета, а патеката ја опфаќа и делтата Далјан.
Четвртата етапа е помеѓу Мармарис и Акјака и е во должина од 115,4 км. Таа се протега низ шумски предел со поглед на море, каде се гледаат и патеките за едрење и плажите за сурфање. Понатаму следи етапата на кракот Мармарис-Ајдин во должина од 151 км, каде се поминува древниот локалитет Афродизијас и познатите маслинови градини на Егејот. Етапата Кушадаси-Селчук во должина од 161,4 км ги вклучува локалитетот Ефес, заштитен од УНЕСКО, храмот на Артемида и куќата на Богородица, а рутата Селчук-Чешме во должина од 144,2 км ги вклучува селото Ширинце, Сеферихисар и Чешме. Финалната етапа Чешме-Измир во должина од 105,7 км, ќе заврши со Саат-кулата во Измир и опфаќа антички места и познати лозја во регионот.
Претседателската велосипедска трка се пренесува во 190 земји, на 13 јазици, потврдувајќи го значењето на овој спортски настан во светскиот велосипедизам, но и улогата на Туркије на глобалната велосипедска сцена и високата подготвеност за организација на ваков вид настани.