Вечерва, во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи централниот настан од годинешното, шесто по ред издание, на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Присутните посетители ќе имаат можност да проследат видеоматеријали со кус рецитал на академик Анте Поповски, но и снимки од негови песни во интерпретација на артистката Софија Гогова-Врчаковска. Модератор ќе биде м-р Александра Јуруковска, ќе биде прочитана одлуката на жири-комисијата за наградите, а пред присутните ќе се обрати д-р Атина Цветаноска.
Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, и е поддржана со програмата за 2023 година на Министерството за култура.
По доделувањето на наградите, ќе се одржи и поетско читање, во кое, освен наградените автори, учество ќе земат и неколку други учесници на годинешниот конкурс.