
Судскиот совет ја разгледа пресудата за возачот кој ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска во Тетово со која беше осуден на две години затвор.
Во соопштението се наведува дека според законот, забрането е менување на пресудата на полошо за обвинетиот во ситуација само кога тој поднел жалба.
„Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, пишува во соопштението.
Инаку, по првата пресуда од 3,5 годишна затворска казна само обвинетиот поднел жалба, а не и Обвинителството.
Судскиот совет денеска ја разгледуваше пресудата по бурните реакции во јавноста и по јавното барање на премиерот Христијан Мицкоски.
„По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, сторителот кој одзеде млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор за Врховниот суд да ги укине двете пресуди на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот, кој смртно одзеде недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска.
Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци што ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, изјави тогаш Мицкоски.