Утрински Весник
Македонија

Судски совет: Двајца судии се распоредуваат во други судови поради недостиг на кадар

Sudski Sovet Na Severna Makedonija.jpg

Судскиот совет на денешната 500. седница разгледуваше и одлучуваше по барања за времено упатување на судии во друг суд, поради недостатокот на судии со кој се соочуваат судовите ширум земјава.

Со одлука Советот, судијата Драган Јаковлески од Основниот суд Битола ќе биде времено упатен во Основниот суд Крушево, каде покрај судиската функција ќе ја извршува и функцијата в.д. претседател на Судот. Одлука за времено упатување беше донесена и за судијката Благица Ѓошевска од Основниот суд Крива Паланка, која подолго време ја извршува судиската функција во Граѓанскиот суд Скопје. Со осум гласа „за“ и два „против“, временото упатување на судијката Ѓошевска ѝ беше продолжено за уште шест месеци.

Покрај одлуките за времено упатување на судии во друг суд, Советот денеска формираше Комисија за подготвување на кандидатски листи за избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите, на која за претседател беше избран членот на Советот Александар Камбовски, додека за членови беа избрани Ивица Николовски, Селим Адеми и заменик-претседателот на Судскиот совет, Ханиф Зендели.

На денешната седница, меѓу другото, Советот расправаше и по голем број претставки од граѓани и правни лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите, од кои само една беше прифатена за основана.

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме