Утрински Весник
Македонија

Студентарија реагира: Повторно стотици студенти неосновано го изгубија правото на субвенциониран студентски оброк

Prekinato pravo na subvenczioniran studentski obrok 1 1 scaled.jpg

Овој месец, на стотици студенти во државата неосновано им беше прекинато правото на субвенциониран студентски оброк, при што најголем дел од погодените студенти овој пат се од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во известувањата што студентите ги добиле како причина за прекинот е наведено дека „не се редовни студенти“, иако тие уредно го имаат овој статус и ги исполнуваат законските услови за користење на правото.


Според информациите со кои располагаме, причината за настанатиот проблем е тоа што факултетот не доставил навремено ажурирани податоци за редовните студенти до Министерството за образование и наука – обврска која високообразовните установи ја имаат секој месец. Како последица на тоа, на студентите автоматски им е прекинато правото на субвенциониран студентски оброк.

Дополнително загрижува фактот што, и покрај тоа што факултетот подоцна доставил ажурирани листи со студенти кои ги исполнуваат условите, Министерството не прифаќа ажурирање на податоците за тековниот месец. Со тоа, студентите остануваат без финансиски средства кои законски им следуваат, без притоа да имаат каква било вина за настанатата состојба.

На секој од засегнатите студенти овој месец му се одземени по 3.640 денари (26 дена по 140 денари) – средства кои за многу од нив претставуваат значајна поддршка за покривање на секојдневните трошоци за исхрана.

Ова не е првпат студентите да го изгубат правото на субвенциониран студентски оброк поради административни пропусти. Речиси секој месец од почетокот на академската година, студенти од различни факултети се соочуваат со истата ситуација – факултетите не ги доставуваат податоците навреме, а Министерството не дозволува нивно дополнително ажурирање. На крајот, последиците секогаш ги трпат студентите.

Наместо системот да ги заштити оние на кои им следува ова право, студентите остануваат без финансиска поддршка поради административни пропусти врз кои немаат никакво влијание.

Го повикуваме Министерството за образование и наука итно да ја преиспита одлуката за прекин на правото на субвенциониран студентски оброк и да изнајде начин за исплата на средствата на студентите од Факултетот за безбедност кои ги исполнуваат законските услови за користење на ова право. Сметаме дека студентите не смеат да бидат оштетени поради пропусти за кои не сносат никаква одговорност.

Во текот на оваа академска година, поради ваквите случаи, на студентите им беа одземени милиони денари кои останаа во државниот буџет, иако станува збор за средства кои законски им следуваат на младите.

Поради тоа, повикуваме и Министерството за образование и наука и високообразовните установи итно да изнајдат соодветно системско решение кое ќе овозможи навремена размена и корекција на податоците, со цел од почетокот на следната академска година да се спречат вакви ситуации.

Студентите не смеат да бидат казнувани за административни пропусти на институциите. Правото на субвенциониран студентски оброк мора да биде гарантирано за сите студенти кои ги исполнуваат законските услови, без исклучок и без ризик да го изгубат поради туѓи грешки.

Можете да прочитате

Кузеска Со платформата „Твоја држава, твоја шанса” – СДСМ отвори ново поглавје за иднината на Македонија

Почина политичкиот аналитичар Арсим Зеколи

Изложба на 30 уметници во Македонскиот културен центар во Тирана