
Остри критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, беа упатени на денешниот брифинг на организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, кои најавија дека имаат конкретен план за структурни промени во партијата.
Поранешниот функционер на СДСМ, Емилијан Станковиќ, го оспори начинот на кој Филипче ја предводи партијата и тврдеше дека актуелниот лидер не го претставува членството.
„Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Венко Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој е претставник на фиктивни картички за гласање. Анализираме како се гласаше на внатрепартиските избори и кој го аминува тој фалсификат“, рече Станковиќ.
Станковиќ тврди дека групата во изминатиот период собира податоци за начинот на кој биле спроведувани внатрепартиските избори во СДСМ. За овие обвинувања тој најави дека се подготвува досие.
Критики кон Филипче упати и поранешниот градоначалник на Карпош и поранешен генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров. Организаторите на платформата го оспорија начинот на кој актуелното раководство ја води партијата и оценија дека СДСМ се движи во погрешна насока.
Станковиќ најави дека веќе имаат разработен план за реформи во партијата, но деталите, како што рече, прво ќе му бидат соопштени на самиот Филипче.
„Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, но прво ќе му ги кажеме на Филипче“, рече Станковиќ.
Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ нагласија дека нивната цел не е создавање нов политички субјект. Тие велат дека нема да формираат нова партија, ниту ќе настапуваат со независни листи на идните парламентарни избори, туку ќе се обидат промените да ги спроведат во рамките на СДСМ.
Нивната порака е дека партијата треба повторно да се насочи кон членството и да претрпи суштински организациски и политички промени.

На брифингот беше најавено дека следните чекори ќе зависат и од одговорот на Филипче на предлозите што организаторите на платформата планира да му ги претстави. Според учесниците, доколку нема промени, тие ќе продолжат со натамошни активности за промена на состојбите во СДСМ.

