Утрински Весник
Македонија

Специјална комисија ќе го испитува случајот со бегалецот Рамадани

Ministerstvo Za Pravda 696x464 1.jpg

Судскиот совет вчера на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека прашањето, кое сериозно треба да се разгледа во овој случај е зошто е одлучено Рамадани да биде во домашен притвор и додаде дека токму поради ваквите случувања во правосудството довербата во него е мошне мала. Опозициската СДСМ, пак, одговорноста ја бара кај МВР и министерот Панче Тошковски и смета дека тие „несмасно спинуваат дека судот е крив“.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, вчера на почетокот на 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овој случај не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.

-Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен и да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, изјави Дамева.

Комисијата е во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.

Министерот за правда Игор Филков, пак, смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката „притвор“ за Рамадани ја преиначил во „домашен притвор“, е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани.

Можете да прочитате

Сончево и топло: Темпратури до 39 степени

„Спасете го Гари пред да му нема спас!“ бараат жителите откако огнот е сè поблиску, а ни ЦУК ни надлежните не преземаат ништо

„Македонијо преземај нешто!“: Со огнени балони некој намерно пали на Илинска Планина