Првата дама на Украина, Олена Зеленска, е во посета на Велика Британија и се обрати пред британскиот парламент.
Таа го почна својот говор споредувајќи го искуството на Украинците со искуството на Британците во Втората светска војна. Рече дека Британците ги преживеале воздушните напади, кои биле „идентични со оние што Русија сега ги користи за да ја фрли Украина на колена“.
„Секој ден ги слушаме сирените. Тие се идентични со оние што ги слушаа британските генерации. Вие не се предадовте и ние нема да се предадеме. Но победата не е единственото нешто што ни треба. Ни треба правда. Доаѓам кај вас за правда“, таа рече.
„Русите се обидуваат да ги претворат деновите и ноќите на Украина во ужас со огромни ракетни напади и дронови“, рече Зеленска. Таа додаде дека повеќе од 20 милиони Украинци останале без струја, вода и греење поради руските ракетни напади и дека Русија „користи систематско насилство во многу окупирани градови и села во Украина“.
Обвини дека се идентификувани илјадници злосторства на руските сили, вклучително и сексуално насилство.
„Најмладото девојче кое беше силувано од руските окупатори имаше четири години. Најстарата преживеана имаше 85 години. Ова се жртвите“, рече Олена Зеленска.
За време на нејзиното појавување во Вестминстер, Зеленска ја повика светската заедница да се обедини и да го поддржи формирањето на специјален суд каде Русите ќе одговараат за злосторствата извршени за време на инвазијата на Украина.
„Ве молам за мала услуга да станеме светски лидер во напорите за правда“, нагласи таа.
„Правда не е потребна само во Украина, туку и во целиот свет за да не се владее со сила. Ни треба правда за да може светот да опстане“, го заврши својот говор сопругата на украинскиот претседател. На крајот од својот говор таа доби овации од собраните претставници.