
Со грандиозна и спектакуларна изведба на величествената опера „Набуко“ од Џузепе Верди, синоќа на сцената на Националната опера и балет свечено беше затворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Операта беше изведена под диригентската палка на гостинот од Аргентина, Јерухам Шаровски, во режија на Ренато Бонајуто (Италија). Сценографијата и костимографијата беа на Флавио Арбети и Артемио Кабаси (Италија), кореограф – Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор – Климент Тодороски, а хор-мајстор – Јасмина Ѓорѓеска.
Во главните улоги настапија италијанските оперски ѕвезди Алберто Газале како Набуко и Сузана Бранкини како Абигаиле. Публиката имаше можност да ги проследи и настапите на Николина Јаневска, Ѓорѓи Цуцковски, Хиденори Иноуе, Диме Петров, Ана Ројдева и Никола Стојчески, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет, женскот балетски ансамбл и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“
Изведбата на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, беше посветена на неодамна трагично починатиот првенец на Националната опера и балет, баритонот Ристе Велков.
-Со својата уметност, глас и сценско присуство, Ристе Велков остави длабока и трајна трага во македонската оперска уметност. Токму улогата на Набуко беше една од неговите најзначајни и највпечатливи сценски остварувања на матичната сцена. Неговото име и уметничко наследство ќе останат трајно врежани во историјата на македонската опера, велат од Националната опера и балет.


