
Со сослушување сведок и вешти лица, денеска продолжи судењето во Велес за опожарена куќа во село Капиново, општина Чашка.
Седумдесет и петгодишниот сведок Божидар Арсовски од село Нежилово, општина Чашка, рече дека еден од обвинетите го познава. Се враќал од болница во Скопје и си одел накај Нежилово, кога видел дека чади куќата. Рече дека го познавал таткото на оштетениот Давид Јорданов, а него, не толку добро.
-Контактирав преку телефон со луѓе од село Нежилово и дојдов до сознание дека човекот е жив. Мислам на Игор Јорданов. Прашав некој од присутните дали е пријавено во полиција, ми рекоа дека не е пријавено и како граѓанин пријавив во полиција. Им кажав дека куќата е изгорена и не е потребно противпожарно возило, сведочеше Арсовски.
Вештото лице во областа на градежништвото, Стојан Србиноски, од Скопје, изјави дека по наредба на јавен обвинител од негова страна било спроведено вештачење во врска со градежната вредност на опожарената куќа. Сведочеше и вештото лице Јордан Ставревски, од Велес кој кажа дека по наредба на јавен обвинител спровел вештачење за да се утврди економската вредност на предметите што биле во опожарениот објект.
На предлог на јавната обвинителка Славица Темелковски, што беше прифатен од одбраната, Судот донесе решение во својство на сведок на главната расправа да биде сослушан Сашо Муневски од Прилеп. Муневски во раздвоена постапка е осуден со правосилна пресуда на овој суд, на седум години затвор и во моментов извршува казна затвор во КПУ Затвор – Прилеп.
Јавната обвинителка Темелковски во воведниот говор во судницата на првото рочиште кажа дека на 10 мај 2025 година, оштетениот Давид, околу 10 часот, добил повик од татко си и дознал дека во пожар е сосема уништена куќата во која тие вложиле средства за изградба и за опремување.
-Обвинетите се овде за да објаснат од кои причини решиле на некого, да му го уништат она, во што вложил дел од себеси. Едноставно, тие тројца се договориле да дојдат и да го предизвикаат пожарот што ќе ја уништи целокупната куќа. Муневски и Димески дошле од Прилеп во Ореше, за да го земат оттаму Ѓоре и продолжиле кон село Нежилово, поточно во место викано Капиново. Ниту Сашо, ниту Даниел, знаеле каде одат, Ѓоре бил тука за да им го покаже патот и за да им ја покаже куќата што, според нив, требало да биде опожарена. Сашо и Даниел влегуваат во дворот од куќата навалувајќи ја плетената жичана и декорирана со трски ограда. Влегуваат во куќата, Сашо со запалива течност во туба, прска по подот на куќата и со запалка ја запалува. Тие веднаш бегаат од местото на настанот, одат до возилото каде што ги чека обвинетиот Ѓоре заедно со таксистот и како ништо да не се случило, продолжуваат дома, појасни Темелковски тогаш.
Обвинетиот Муневски изјави дека чувствува вина и дека се кае за стореното и се извини на оштетениот за запалената куќа во село Капиново.
Другите дваца обвинети Ѓоре Петровски и Даниел Димески рекоа дека разбрале за што се обвинети, но, оти не се чувствуваат виновни.
Претходно, полномошникот на оштетениот, адвокатката Стојковска Палевска, во судница рече да се има предвид дека не е изгорена само куќа, туку и изгорен и уништен е дом на едно семејство. Нешто, што, освен материјална, има и сериозна емотивна вредност. Наредното рочиште е закажано за 2 март.


