
Со презентирање на телефонски комуникации од мобилните телефони на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син Михајло Јованов, денеска продолжи судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Пред Судот, Јавното обвинителство презентираше СМС-пораки и комуникации преку апликацијата „Вибер“, за кои тврди дека откриваат интензивна комуникација на Дејан Јованов со повеќе лица зачувани во неговиот телефон под имиња како „началничка Марија“, „Весна инспекторка“, „Ацо командант“, „Магдалена лиценца“, „Вики економија“ и други.
Според обвинителството, од презентираните пораки произлегува дека Јованов добивал информации за најавени полициски и инспекциски контроли, разговарал со службени лица и вработени околу постапувањето при проверки, а бил и потсетуван дека му истекува лиценцата за работа и дека треба навреме да поднесе барање за нејзино продолжување.
Особено внимание привлече комуникацијата од 16 март 2025 година – денот кога избувна пожарот во дискотеката „Пулс“. Според презентираните докази, Михајло Јованов го известил својот татко дека во угостителскиот објект „Булевар“ се спроведува полициска рација од службеници од Радовиш, за кои навел дека „не се наши“, додавајќи дека контролата ќе продолжи и во дискотеката „Пулс“, каде што, според пораката, имало голем број малолетници кои требало да бидат отстранети.
Обвинителството наведе дека на оваа порака Дејан Јованов одговорил со зборовите: „И така ќе оди во стечај“.
По изведувањето на доказите, семејствата на жртвите оценија дека содржината на комуникациите отвора сериозни сомнежи за можна институционална заштита на сопствениците на дискотеката.
Александар Наунов, кој се обрати во име на родителите на загинатите, изјави дека комуникациите укажуваат на можни влијанија врз полициските и инспекциските контроли, но и отвораат прашања за улогата на Михајло Јованов во работењето на дискотеката.
Тој истакна дека во доказите за првпат се споменуваат имиња на лица кои, според него, имале чести контакти со сопствениците на „Пулс“ и „Класик“, а не се опфатени со обвинението.
„Има полициски службеници кои биле во постојана комуникација со обвинетите и кои, според комуникациите, им најавувале контроли, како и поранешен полициски службеник со стотици контакти со сопственикот и неговиот син. Тоа отвора прашање дали истрагата е целосно завршена и дали има потреба од дополнителни постапки“, изјави Наунов.
Од Јавното обвинителство информираа дека од нивните материјални докази остануваат уште да бидат изведени градежното вештачење и исказите на вештите лица. По завршувањето на овој дел од постапката, доказната постапка ќе ја продолжи одбраната, која најави дека ќе предложи свои материјални докази, сведоци и две вештачења.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК, однесе 63 животи и повреди повеќе од 200 лица, што го прави една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.

