
Светска здравствена организација официјално соопшти дека случаите на хантавирус регистрирани на еден крузер не претставуваат најава за нова глобална пандемија, нагласувајќи дека начинот на ширење на вирусот е значително различен од коронавирусот.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, појасни дека хантавирусот не се пренесува лесно преку воздухот како респираторните вируси. Според него, пренос од човек на човек е можен само при близок и интимен контакт, продолжена изложеност на заразено лице и во специфични услови какви што постоеле на затворениот простор на крузерот.
На бродот кој пловел во Атлантскиот Океан досега се потврдени пет случаи на инфекција, додека уште три се водат како веројатни. Од последиците на вирусот починале три лица, меѓу кои и 70-годишен државјанин на Холандија.
Од СЗО предупредуваат дека поради долгиот период на инкубација, кој може да трае и до шест недели, можно е во наредниот период да бидат откриени уште случаи кај патниците кои веќе го напуштиле бродот.
Во меѓувреме, и Европска комисија излезе со став дека ризикот за Европа останува низок. Портпаролката Ева Хрнчирова истакна дека, според сите достапни информации, нема сериозна закана за јавното здравје на европските граѓани.
Надлежните здравствени служби продолжуваат со следење на сите патници кои биле изложени на вирусот, со цел да се спречи евентуално локално ширење, но засега институциите уверуваат дека ситуацијата е ограничена и под контрола.


