
Светот е доволно поделен, но граѓаните на Македонија и Бугарија имаат природна поврзаност која политиката не смее да ја наруши. Оваа порака ја испрати бугарскиот новинар Румен Скрински во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4tv.mk.
Во разговорот, Скрински оцени дека политичките елити често профитираат од создавање тензии, додека секојдневниот живот на граѓаните од двете страни на границата покажува сосема поинаква слика – на блискост, комуникација и меѓусебна поврзаност.
„Бугарија, бугарскиот народ и македонскиот народ имаат историски врски. Тие треба да продолжат да бидат братски народи, да се почитуваат и да се уважуваат. Немаме што да делиме. Луѓето патуваат, доаѓаат на ручек, границата станува сè поотворена, а роамингот поевтинува. Овие позитивни процеси не смеат да бидат жртва на политички конфликти“, истакна Скрински.
Тој посочи дека секој викенд може да се забележи зголемена фреквенција на граѓани кои ја минуваат границата, што, според него, е најдобар доказ дека односите меѓу луѓето се многу подобри од политичката реторика.
Осврнувајќи се на улогата на медиумите, Скрински нагласи дека тие имаат клучна одговорност во градењето доверба и надминувањето на поделбите. Како позитивен пример ја издвои иницијативата на неговата редакција преку емисијата „Студио Балкани“, која има за цел да ги зближи народите во регионот.
„Медиумите имаат обврска да градат мостови. Можеме лесно да се скараме за сè, но токму тоа им одговара на политичарите. Не смееме да дозволиме да бидеме манипулирани. Треба да работиме на тоа соседот да ни биде пријател, а не непријател“, заклучи Скрински во „Ноќно студио“.

