Утрински Весник
Скопје

„Скопско лето“ продолжува со проекција на „Хај Фај“, мултимедијалниот перформанс „Културна кауза“ и концерт на ФЕЈМС Институтот

Image 2026 07 11 163835825.png

Филмска проекција, мултимедијален музичко-поетски перформанс и камерен концерт се на програмата на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“ претстојниов викенд, соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Во рамки на програмата „Кинотека на Скопско лето“, денеска со почеток во 20:15 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан филмот „Хај Фај“ во режија на Владимир Блажевски. 


Во 20:30 часот во Музејот на град Скопје, ќе се одржи мултимедијалниот музичко-поетски перформанс „Културна кауза“, проект на македонскиот музичар и продуцент Никола Стојковски (ФИН Проект) и неговите соработници. Во изведбата учествуваат актерите Арна Шијак и Игор Трпчески, пијанистката Билјана Петровска и вокалната интерпретаторка Орхидеја Дукова.

Публиката ќе има можност премиерно да го проследи проектот „Смирна“, дело во кое духовноста е централниот мотив. Авторската музика на Стојковски и Петровска е надополнета со вокални изведби и рецитирање поезија од истакнати македонски автори и современи поети.

Во недела, 12 јули, со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, ќе се одржи камерниот концерт „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“, во организација на ФЕЈМС Институтот.

Концертот е дел од јулската концертна серија на ФЕЈМС и ќе се реализира под водство на виолинистот Веско Ешкенази, концертмајстор на Кралскиот оркестар Концертгебау во Амстердам, и бандонеонистот Стојан Караиванов, првиот бугарски музичар кој свири на класичен аргентински бандонеонски систем. На сцената ќе настапи и пијанистката Викторија Бојанова.

Програмата опфаќа дела од Моцарт и Менделсон, како и композиции од Астор Пјацола, при што преку спојот на класичната музика, тангото и филмската музика се истражуваат врските меѓу традицијата и современиот музички израз.

Концертот воедно претставува завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во чија рамка млади професионални музичари од повеќе европски земји, под менторство на Ешкенази и Караиванов, работат на избраниот репертоар и стекнуваат практично искуство за настап на професионална сцена. 

Можете да прочитате

Отворен првиот Центар за дневен престој за лица со попреченост над 14 години во Скопје

Центар ќе биде домаќин на првиот општински полумаратон „CENTAR NIGHT RUN”

Општина Карпош: Kејот на Вардар – место за спорт и дружба