
Популарниот литвански јутјубер Шај повторно го привлече вниманието на своите милиони следбеници, овојпат со видео посветено на Северна Македонија. Во видеото со наслов „Лудо патување низ Северна Македонија“, тој ги прикажува највпечатливите моменти од својата авантура низ Скопје, но од перспектива што ретко кој има можност да ја види.
Во речиси час и половина долгата снимка, авторот ја истражува македонската престолнина преку урбани авантури и екстремни искачувања. Камерата го следи додека се качува на покриви на високи објекти, посетува напуштени згради, запуштени делови од старата железничка станица, урнатини и други ретко достапни локации.
Од највисоките точки се отвораат панорамски погледи кон Скопје, а гледачите добиваат можност да го видат градот од сосема поинаков агол. Меѓу локациите што ги посетува се покривите на објекти во централното градско подрачје, како и хотелот „Стоун Бриџ“, од каде снима импресивни кадри од плоштадот и околината.
Шај е еден од најпознатите креатори на содржини во Литванија. Неговиот канал е препознатлив по видеа со урбано истражување, паркур, искачување на високи објекти и патувања низ Европа. Со ваквиот стил на снимање тој стекна милионска публика и денес е меѓу најследените литвански јутјубери.
Својот Јутјуб канал го започнал во 2013 година, а првото јавно видео го објавил во 2015 година. До денес има објавено повеќе од 140 видеа, кои заедно имаат над 200 милиони прегледи, додека неговиот канал го следат речиси три милиони претплатници.
Најновото видео од Северна Македонија за кратко време привлече голем интерес, а многу гледачи во коментарите ги пофалија уникатните снимки од Скопје и необичниот начин на кој градот е претставен пред светската публика.

