
Град Скопје оваа година започнува со креирање на буџетот за 2026 година, со цел максимална транспарентност, отчетност и вклученост на јавноста. Со отворен и партнерски пристап, секој жител, организација или заедница ќе може да даде свој конструктивен придонес, а буџетот ќе се гради врз реалните потреби, предизвици и визија за иднината на градот.
„Градот Скопје се стреми кон стабилен развој, модернизација и поефикасни услуги за граѓаните, а дијалогот го ставаме во центарот на сите процеси. Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија што се гради врз вистинските потреби на граѓаните“, истакнуваат од Град Скопје.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потенцира дека транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле водилка во неговото работење. „Токму затоа годинава го отвораме процесот на планирање на буџетот заедно со жителите на Скопје, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро и пофункционално Скопје. Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, истакнува градоначалникот.
Во текот на процесот веќе се собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но јавноста сè уште може активно да се вклучи. Градоначалникот апелира на партнерско учество, истакнувајќи дека со заедничка визија и мудро планирање Скопје може да стане град со кој секој ќе се гордее.
Буџетот за 2026 година ќе ги опфати приоритетните капитални проекти во областа на инфраструктурата, културата, спортот и животната средина. Овие проекти имаат за цел да го олеснат секојдневието на граѓаните и да го зголемат квалитетот на животот во градот.
Граѓаните и организациите можат своите идеи и предлози да ги испратат на gradskibudzet2026@skopje.gov.mk, а Скопје со отворен и партнерски пристап кон буџетот за 2026 година се стреми да се врати како град на гордост, стабилен развој и достоинствен живот за сите жители.

