
Во Скопје се одржува 18. Европски конгрес на абдоминални хирурзи. Настанот е организиран од Македонската асоцијација на абдоминални хирурзи (МААС) – Скопје, во соработка со Европската асоцијација на дигестивни хирурзи (EDS) и како што беше посочено, претставува еден од најзначајните стручни собири во областа на дигестивната хирургија во регионот.
Се очекува конгресот да овозможи уникатна платформа за меѓународна размена на знаења, научни искуства и најнови клинички практики, со учество на реномирани експерти од Европа и пошироко.
-Со реализацијата на квалитетна научна и практична програма, овој престижен настан ќе придонесе кон унапредување на хируршката пракса, како и кон зајакнување на професионалната соработка меѓу здравствените работници во земјата и регионот. Настанот ќе биде со над 40 предавачи од цел свет, Европа и регионот и со над 150 учесници и притоа важи за еден од поважните настани одржани кај нас, изјави проф. д-р Светозар Антовиќ, претседател на Конгресот и декан на Медицинскиот факултет.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, доктор на медицина, специјалист по патологија и доктор на науки, пред присутните рече дека дигестивната хирургија помина низ голема трансформација.
-Она што некогаш беше ограничено од технологијата сега прерасна во многу софистицирана дисциплина што интегрира најнови иновации со усовршени хируршки техники. Напредокот во медицинското снимање, молекуларна биологија и вештачката интелигенција целосно го менуваат начинот на дијагностика, планирање и извршување на операциите, рече Јаневска.
И покрај технолошкиот напредок, како што нагласи таа, суштината на хирургијата останува иста – довербата ставена во вашите раце и одговорноста за човечкиот живот.
-Исто така, треба да се нагласи дека иновацијата оди рака под рака со етика, безбедност и инклузивност. Како што ги поместувате границите, треба да бидете сигурни дека напредокот носи придобивки за сите пациенти, без разлика на географијата и околностите. Вашата сила лежи во разновидноста на експертиза и искуство, додаде Јаневска.
Истовремено, како што рече, не смееме да заборавиме на предизвиците што следат.
-Здравствените системи низ цела Европа се соочуваат со големи побарувања и ограничени ресурси. Нашата одговорност лежи во менторство, едукација и инспирација за младите хирурзи, не само да се здобијат со технички вештини, туку и критички да размислуваат, етички да донесуваат одлуки и да обезбедат сеопфатна грижа. Иднината на дигестивната хирургија зависи од нашата способност да го пренесеме знаењето и вредностите, истакна Јаневска.
Министерот за здравство Азир Алиу пред присутните истакна дека здравствената грижа е заснована на доверба.
-Доверба меѓу пациент и доктор. Доверба во систем. Доверба во одлуки. А довербата се создава кога е споделено знаење, кога професионалците се охрабрени, а системите се транспарентни и фер. Ова е визијата кон што целиме, нагласи министерот.

