Утрински Весник
Македонија

Скап квадрат, евтина изведба – Алармантна слика за македонските новоградби вели Марковски

Img 6520.jpeg

Додека цените на становите во Македонија достигнуваат рекордни нивоа, квалитетот на новоградбите сè почесто е далеку под законските и стручните стандарди. Градилишта без присуство на инженери, фиктивно потпишана документација, узурпирани тротоари и јавни површини, како и институционална незаинтересираност, се дел од сериозните проблеми на кои предупреди професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Марковски, градежниот сектор со години функционира во услови на недоволна контрола, а најголемата цена за тоа ја плаќаат граѓаните – и како пешаци и како купувачи на станови.


„Сведоци сме на бројни градилишта кои воопшто не се оградени. Се узурпираат јавни површини, тротоари и делови од улици. Луѓето се приморани да се движат по коловозите и директно да ја загрозуваат својата безбедност. Причината е едноставна – инвеститорите го гледаат само својот интерес, а институциите кои треба да ги заштитат граѓаните речиси и да не постојат на терен. Реагираат дури кога ќе се случи несреќа“, истакна професорот.

Тој предупредува дека коренот на проблемот лежи во обидите за максимизирање на профитот преку кратење на трошоците токму на местата каде што безбедноста не смее да биде предмет на компромис.

Според Марковски, најпрво се штеди на заштитата на темелните јами, што претставува основен предуслов за безбедна изградба. Потоа следува кратење на средствата за противпожарна заштита, квалитетни изведувачи, проектанти, ревиденти и надзорни инженери.

Особено загрижувачки се информациите дека на дел од градилиштата инженерите воопшто не се појавуваат во текот на изградбата.

„Сведок сум, а тоа ми е и професионална информација, дека на многу градилишта воопшто не се појавува инженер. Ниту од изведувачот, ниту од надзорот. Ситуациите се потпишуваат фиктивно, работниците остануваат сами на себе, а сомнежот во квалитетот на градбата е огромен“, рече Марковски.

Тој додава дека последиците од ваквото работење најмногу ги чувствуваат купувачите кои плаќаат високи суми за станови што често не ги исполнуваат ниту основните услови за безбедно и квалитетно домување.

Меѓу најчестите проблеми се неквалитетни инсталации, протекување на вода, слаба звучна изолација, несигурни лифтови, тесни скалишта, недостаток на паркинг места и несоодветна или целосно отсутна противпожарна заштита.

„Кога ќе ги собереме сите овие недостатоци, доаѓаме до заклучок дека граѓаните плаќаат премногу за нешто што реално вреди многу помалку од пропишаниот стандард. Практично, вистинската вредност на голем дел од новоградбите е далеку под цената по која се продаваат“, заклучи професорот Марковски.

Неговите предупредувања отвораат сериозни прашања за контролата во градежниот сектор, одговорноста на институциите и безбедноста на илјадници граѓани кои секојдневно живеат покрај или во новоизградени објекти.

Можете да прочитате

Марковски: Недозволувањето пристап за медиумите отвора сериозни сомнежи за подземната улица во Центар

Промовирано ново институционално лого на Јавното обвинителство

Марковски: Градежниот хаос во Скопје ги загрозува животите на граѓаните