Манчестер сити и Интер, вечерва во Истанбул ќе го одиграат финалето во Лигата на шампионите. „Граѓаните“ ќе се обидат да дојдат до првиот трофеј во ова натпреварување, а Интер до третиот.
„Пред нас е многу тежок противник, најдобриот тим во светот. Не смееме да се плашиме, не сме во финалето без причина и ќе го докажеме тоа. Можеме да му парираме на Сити во средниот ред, но ќе ни требаат нозе, глава и срце“, изјави тренерот на Интер, Симоне Инзаги пред натпреварот и додаде:
“Ова ќе биде наш 57. натпревар во сезоната. На некои заслужено загубивме, а во некои заслужено победивме. Имаме можност да влеземе во историјата и да го направиме она што Интер го постигна во 2010 година, да ја освоиме Лигата на шампионите”.
Интер оваа сезона го освои Купот и Суперкупот на Италија, а во во Серија А заврши на третото место.
Интер: Онана – Дармијан, Ачерби, Бастони – Дамфрис, Димарко, Барела, Брозовиќ, Чалханоглу – Лаутаро, Џеко.
„Подготвени сме, имам чувство дека играчите ќе дадат сè“, изјави Пеп Гвардиола, а потоа ги коментираше нешто послабите напаѓачки перформанси на Ерлинг Халанд во последно време и историјата на клубовите:
„Тој ќе биде подготвен да ни помогне да ја освоиме Лигата на шампионите. Гледав многу натпревари на Интер за да знам што да правам. Но таков е фудбалот, ќе победи тој што ќе биде подобар 95 минути. Историски гледано, Интер е поголем клуб од нас. Но, тоа не е важно, важно е што ќе се случи вечерва“, изјави тренерот на Сити.
Манчестер сити има можност да ја освои тројната круна, клубот веќе ги освои ФА купот и Премиерлигата.
Манчестер сити: Едерсон – Вокер, Дијас, Аканџи – Родри, Стоунс, Гундоган, Силва – Грилиш, Де Брујне, Халанд.
Финалето во Лигата на шампионите се игра од 21 часот, а главен судија на овој натпревар е Полјакот Шимон Марчиниак. Негови помошници се Павел Соколницки и Тимаш Листкиевич. Четврти судија е Романецот Иштван Ковач, а во ВАР-собата ќе биде Томаш Квјатковски.