Утрински Весник
Македонија

Синдикатот за култура: Да се повлече предлог-законот за култура и да се отпочне со транспарентна процедура за нов

Синдикатот за култура: Да се повлече предлог-законот за култура и да се отпочне со транспарентна процедура за нов

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) на прес-конференција обвини дека Министерството за култура изготвило нова нацрт-верзија на Закон за култура во кој социјалниот дијалог со репрезентативните синдикати во културата е сведен на “осум дена за забелешки мислења и предлози и доколку е потребно состаноци за заедничка дискусија”.

dobivaj vesti na viber

Од Синдикатот бараат да се повлече предлог-законот за култура и да се отпочне со транспарентна процедура за нов  во кој ќе бидат вклучени и претставници од репрезентативните синдикати.

„Иако партнерски, искрено и конструктивно претходно договорени дека заеднички ќе учествуваме во изработката на новиот предлог-текст, кој сите ќе нѐ засега за долги години во иднина, нашите претставници кои беа номинирани и доставени до МК уште во месец февруари 2022 година, не беа повикани на ниту еден состанок на работната група, која е формирана во април 2022 година. Впрочем, според нашите сознанија токму во овие моменти додека го држиме овој прес се одржува еден од последните состаноци на работната група, на кој претставници на синдикатите повторно не се повикани.

Нетранспарентноста во донесувањето на Законот за култура од 2014 година од страна на претходната власт, но и неговата катастрофалната содржина, ги сплоти вработените во културата во еден чесен, искрен и одговорен синдикат, а тоа е Синдикатот на културата на Република Македонија, каде што императивот за нашата борба, покрај Колективниот договор, стана нов и транспарентен Закон за култура.

Во годините што следеа нашиот партнерски однос со Министерството за култура макотрпно беше граден, преку процесите на нивелација и историскиот Колективен договор, во кои активни чинители во нивната изработка постојано беа претставници на СКРМ. Наши претставници беа и дел од тимот што учествуваше во изработката на претходната предлог-верзија на Законот за јавен интерес во културата, која не помина на комисиската дебата во Собранието на РМ и според нашите информации, беше закочен со неколку илјади амандмани.

Повлекувањето на овој предлог-закон за јавен интерес во културата резултираше со ревидирање на истиот од страна на работна група формирана од Министерката за култра, која во новата верзија на законот ги отфрли скоро сите предлози на СКРМ што беа интегрирани во претходната верзија на законот.

И така, повторно се вративме на старата пракса, кога од трети лица дознавме дека без нас е изготвувен закон што ќе се однесува токму на нас. Преку целиот нетранспарентен процес на изготвување на предлог-текстот, кој суштински многу и не се разликува од скандалозниот Закон од 2014 година и сам по себе заслужува посебна критичка прес-конференција, искрено и јавно се прашуваме, дали некој намерно во тоа Министерство сака да го сруши партнерскиот однос, кој макотрпно го градевме толку време? Се прашуваме дали некој тивко и незабележно, преку протнување на овој предлог-текст на закон се обидува да го саботира социјалниот дијалог? Се прашуваме дали не сме само ние жртва на нетранспарентноста на одредени поединци во Министерството за култура, туку и самата министерка, како највисок претставник на власта во културата? Се прашуваме дали некој на мала врата и за ситни лукративни интереси сака сите нас повторно да нѐ врати онаму каде што бевме во 2014 година, па и пред тоа и да урне 6 години искрена и чесна соработка. Културата сме ние, а министерството е сервис кој очигледно работи на наша штета, нѐ уназадува и ни го сопира напредокот.

Ја повикуваме министерката, во знак на досегашниот коректен и партнерски однос, да провери кој и зошто инсистира на штетниот закон од 2014 и ја урива праксата на квалитетен, европски принцип на социјално партнерствово меѓу МК и СКРМ, да го повлече овој предлог-закон и да отпочне транспарентна процедура за нов, во кој ќе бидат вклучени и претставници од репрезентативните синдикати.

СКРМ отсекогаш настапувал чесно и транспарентно и останува лојален партнер во фер, транспарентен и коректен социјален дијалог, но на секое отстапување од востановената пракса ќе реагира соодветно, во насока на заштита на сите свои членови, но и чинители на процесите во културата“, истакнаа од синдикатот.

Можете да прочитате

Николовски: Царинската управа ги затегна чешмите, се оди во Буџетот, рекордна наплата на приходите 

СДСМ: Орекстриран страв за бегање од одговорност- кукавички обид на ДПМНЕ за префрлање вина врз СДСМ

Врнежи од снег во неколку градови и на планините, забрана за тешки возила на Стража и на патот Маврово -Дебар