Утрински Весник
Свет

Силен земјотрес ја погоди Јапонија

Zemjotres1.jpg

Најмалку 51 лице е повредено во силниот земјотрес што во понеделник навечер го погоди северниот дел на Јапонија, соопштија јапонските власти, кои предупредуваат дека земјата би можела да се соочи со нови разорни потреси во деновите што следуваат.

Земјотресот со магнитуда од 7,5 степени според Рихтер бил регистриран на отворено море во регионот Аомори. Ударот оштетил патишта, разнесол прозорци и предизвикал локален цунами со бранови високи околу 70 сантиметри, кој дополнително ги вознемирил жителите на северна Јапонија.

Националната агенција за управување со катастрофи и пожари во средата соопшти дека според најновите податоци бројот на повредени се искачил на 51, додека премиерката Санае Такаичи во вторникот извести за најмалку 30 повредени лица, пред податоците да бидат ажурирани.

Јапонската метеоролошка агенција издаде сериозно предупредување дека во рок од седум дена е можно да се појави нов силен земјотрес, со магнитуда еднаква или поголема од понеделничкиот, како и ново цунами. Предупредувањето се однесува на подрачјата Санрику, североисточниот крај на Хоншу, како и на северниот остров Хокаидо.

Ова е само вторпат во историјата агенцијата да издаде предупредување од ваков тип. Првото беше во август 2024 година, кога се стравуваше од силен земјотрес долж Нанкаи на јужниот дел од пацифичкото крајбрежје. Тоа предупредување беше повлечено една недела подоцна.

Со оглед на силата на потресот и реткоста на ваквите предупредувања, жителите на засегнатите региони остануваат во состојба на зголемена претпазливост, додека спасувачките екипи продолжуваат да ги проценуваат оштетувањата и да ги следат можните нови сеизмички активности.

Можете да прочитате

Демонстранти поставија Дедо Мраз во знак на протест против економската политика во Берлин

Повредени во пожар во Санкт Петербург

Крадци во Словенија украле сеф тежок 300 килограми