
Српскиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) денеска издаде итно предупредување поради екстремни временски услови што ја зафаќаат Србија. Поради најавата за леден дожд и обилни снежни врнежи, активиран е системот за СМС-известување со цел навремено информирање на граѓаните за невремето кое се очекува во периодот од 5 до 7 јануари.
Предупредувањето се однесува на Белград, Срем, Јужен Банат, Поморавље, Источна, Западна и делови од Југозападна Србија.
Според податоците на РХМЗ, силен снег веќе паѓа во Белград, Нови Сад, Зрењанин, Сремска Митровица и Ваљево. Се очекува формирање снежна покривка од 10 до 20 сантиметри, што веќе предизвикува сериозни проблеми во белградскиот градски превоз.
„Во текот на ноќта кон понеделник и на почетокот на следната недела, на југ од Бачка, во Срем, Западна и Југозападна Србија, во поширокото подрачје на Белград, Јужен Банат, Шумадија, Поморавље и Источна Србија се очекува локален замрзнат дожд. Понатамошно зголемување на снежната покривка се прогнозира на север и запад од земјата, особено во вторник навечер и во среда“, соопштуваат од РХМЗ.
Покрај хидрометеоролошките служби, и државните институции издадоа препораки до граѓаните. Од „Патишта на Србија“ апелираат да не се тргнува на пат без задолжителна зимска опрема.
„Ги повикуваме сите учесници во сообраќајот да не патуваат доколку тоа не е апсолутно неопходно. Доколку сепак мора да се патува, потребна е целосна зимска опрема, внимателно возење и почитување на ограничувањата на брзината“, велат од јавното претпријатие.
Оттаму информираат дека засега автопатиштата, државните патишта од прв и втор ред, како и приодите до граничните премини и планинските центри се проодни.
Од „Ер Србија“ соопштија дека поради снежните врнежи можно е одредено влијание врз авиосообраќајот, но дека службите интензивно работат за да се зачува редовноста на летовите.
Во предупредувањето до граѓаните се наведува и можност од дефекти на енергетската мрежа, поради што се препорачува дополнителна претпазливост и подготвеност.


