Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Туризмот го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот

Foto 3.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска.

На средбата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази став дека туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност.


За неа, мала држава како нашата, со исклучителни природни убавини и вредни културно-историски добра има големи и реални шанси да биде посакувана туристичка дестинација не само за време на летните месеци, туку во текот на целата година. Се разбира, останува трајната обврска на Министерството за култура и туризам, другите министерства, но и единиците на локалната самоуправа, како и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за создавање неопходни претпоставки. 

Стефаноска ја информираше претседателката за работата на агенцијата којашто е формирана во 2008 година, со акцент на последните неколку месеци откако е на оваа функција, посочувајќи ги успесите и падовите, актуелните проблеми и предизвици со коишто се соочува.

Таа посочи дека е потребно да се креира стратегија за развој на туризмот, комплементарна со онаа за културата, како гаранција за успех.     

Соговорничките се согласија дека поврзувањето на културата и на туризмот во едно министерство е чекор напред во стратешкиот пристап кон нивниот развој.

Можете да прочитате

Директор си пишувал прекувремени часови додека бил на годишен одмор

САД даваат пет милиони долари за поддршка на кибернетската безбедност во Македонија

Тетовец прободен со нож поради конфликт во сообраќај