Утрински Весник
Македонија

Сиљановска Давкова се обрати на 18. европски конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС

Foto 2 3.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Охрид, се обрати на отворањето на 18. европски конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС, во рамки на кој ќе се одржи и 6. научна конференција „Истражување во физичкото образование, спорт и здравје”. Конгресот, што се одржува до 2 јуни во Охрид, е во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во соработка со Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски” и Федерацијата на спортски педагози на Македонија.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Задоволство ми е да ви посакам добредојде во Охрид, во македонската духовна, културна, но и спортска престолнина. Овде пред 70 години започна да се одржува Охридскиот пливачки маратон. На бреговите на Охридското езеро се родени великаните на македонското пливање – Нико Нестор и Атина Бојаџи – првите македонски пливачи кои, пред повеќе од половина век, го препливаа Ла Манш.

Оттука, нема посимболично место од Охрид за одржување на европскиот конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт – ФИЕПС.

Физичката активност е една од најважните работи за одржување и унапредување на физичкото и на менталното здравје на луѓето. Спортувањето убедена сум дека превенира многу непреносливи болести, ги унапредува когнитивните способности, го подобрува сонот и ги намалува опасностите од анксиозност и депресија.

Но, и покрај овие очигледни придобивки, според проценката на ОЕДЦ и на Светската здравствена организација, дури третина од возрасното европско население не е доволно физички активно. Тоа може да резултира и резултира со над 11 милиони нови случаи на непреносливи болести до 2050 година и огромен буџетски товар врз здравствениот и социјалниот систем на секоја држава.

Причини за ваквата загрижувачка состојба има повеќе. Физичката активност која во минатото била составен дел од секојдневието, денес е  на маргините на животот. Заради современиот начин на работа и на живот, сè повеќе луѓе, вклучително и младите, се фатени во мрежата на телевизиските и компјутерските екрани, социјалните медиуми и брзата храна.

Како да излеземе од оваа надолна спирала? Одговорот лежи, како што веќе чувме,  во холистичкиот пристап кон физичката активност и кон спортот. Во практика, тоа значи да им се помогне на луѓето да развијат здрави навики и да водат физички активни животи.

Спортот може да биде училиште на животот преку кое децата и младите луѓе ќе учат за олимписките вредности, за другарството, самодовербата, фер играта и прифаќањето на различноста. Постарите, пак, како мене, ќе можат да водат здрав и исполнет живот, одржувајќи ја својата физичка кондиција независно од возраста. 

Верувам дека вие, учесниците на европскиот конгрес, со вашата експертиза и со искуството можете да придонесете за развивање на добри политики за физичкото образование. А, токму со такви холистички политики ќе градиме поздрави, поактивни и поинклузивни општества чии членови ќе се натпреваруваат во успесите.

Со тоа, на самиот крај, им честитам на организаторите и ви посакувам успешен конгрес.

Ви благодарам.

Можете да прочитате

Парламентарното мнозинство го одби Предлог законот за заштита од семејно насилство предложен од Зајкова

Целосно завршена евакуацијата на сите пријавени македонски граѓани од погодените земји на Блискиот Исток

Врховниот суд ја потврди казната за Јованов од 13 години во случајот „Кулакова“