Утрински Весник
Балкан

Во Србија почнува исплатата на еднократна помош од 6.000 динари за сите полнолетни граѓани

Srbija.webp.webp

Во Србија денеска почнува исплатата на еднократната парична помош од 6.000 динари, односно околу 51 евро, наменета за сите полнолетни државјани. Исплатата ќе се одвива до 25 септември.

Граѓаните кои имаат право на средства од Акционерскиот фонд не требаше дополнително да се пријавуваат и парите ќе им бидат уплатени автоматски. Станува збор за лицата кои претходно добиле бесплатни акции и дивиденди од компании како НИС, „Телеком Србија“ и Аеродромот „Никола Тесла“.


Граѓаните кои не се евидентирани како носители на права во Акционерскиот фонд мораа да се пријават преку порталот на Управата за трезор. Рокот за пријавување заврши на 21 септември, а за нив автоматски се отвораат сметки во Банката Поштенска штедилница, преку која ќе биде извршена исплатата.

Пензионерите и корисниците на парична социјална помош, исто така, не требаше да поднесуваат посебна пријава, бидејќи нивните податоци надлежните институции ги доставуваат по службена должност.

Според министерот за финансии во технички мандат, Синиша Мали, за помошта се пријавиле повеќе од 1,5 милиони граѓани, додека околу четири милиони лица ќе ги добијат средствата автоматски преку Акционерскиот фонд.

Право на 6.000 динари имаат сите полнолетни државјани на Србија со важечка лична карта и пријавено живеалиште во земјата, без оглед на тоа дали се вработени.

Средствата за дел од исплатата се обезбедени од Акционерскиот фонд, кој се финансира од приходи поврзани со приватизациите и бесплатните акции, додека преостанатиот дел се покрива од државниот буџет.

Еднократната исплата е дел од поширокиот пакет државна помош, вреден 980,6 милиони евра. Пакетот вклучува и претходно исплатена помош за пензионерите, примателите на детски и социјален додаток и други категории граѓани.

Можете да прочитате

Истанбул ќе ги пречека Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид и Реал Сосиедад на Шпанскиот Суперкуп

Вучиќ ќе поднесе оставка на 27 септември за да се вклучи во изборната кампања, в.д. претседател ќе биде Ана Брнабиќ

Aвтобус со ученици кои се враќале од екскурзија удрил во карпа во Црна Гора