Утрински Весник
Свет

Штабот на Трамп: Хејли ни е ирелевантна, му се обраќаме на Бајден

Tramp.webp.webp

Доналд Трамп во продолжението на кампањата за републиканска номинација ќе ја третира противничката Ники Хејли како „неважна“, па ќе ги прескокне нападите врз неа и ќе се фокусира на реваншот со актуелниот претседател Џо Бајден, соопштија од штабот на Трамп.

Поранешниот претседател победи на пет прелиминарни избори на републиканците во Ајова, Њу Хемпшир, Невада, Американските Девствени Острови и Јужна Каролина, каде што ја победи Ники Хејли, поранешната гувернерка на таа држава и единствениот преостанат противник.

По неговата победа во Јужна Каролина, победата на Трамп во партиската номинација за претседателските избори во ноември се чини неизбежна, додека шансите на Хејли за пресврт во трката за делегати остануваат минимални.

Советниците на Трамп затоа најавија дека ќе ја игнорираат Хејли, на чија кампања повеќе нема да обрнуваат внимание. Ваквата најава е во спротивност со претходниот дел од кампањата на Трамп, обележан со остри зборови кон Хејли, јавно исмејување, како и притисок врз нејзините донатори да ја сменат страната.

Сепак, и покрај победата во Јужна Каролина, независните и умерени гласачи би можеле да влијаат на исходот на републиканските прелиминарни избори и да му ја ускратат можноста на Трамп за уште една пресметка со Џо Бајден.

Всушност, според излезната анкета на Едисно, 6 од 10 независни гласачи во Јужна Каролина гласале за Хејли. Според истата анкета, Хејли освоила тенко мнозинство меѓу високообразованите белци.

Републиканскиот стратег Чип Фелкел, вообичаено критички настроен кон Трамп, укажа на фактот дека Хејли доби 40 отсто од гласовите во саботата наспроти 60 отсто на Трамп, што е потесна разлика отколку што многумина предвидуваа. Кога станува збор за претседателските избори во ноември, Фелкел сè уште го очекува Трамп.

Од друга страна, Хејли вели дека ќе продолжи со кампањата барем до „супер вторникот“ на 5 март, кога републиканците ќе гласаат во 15 држави кои заедно обезбедуваат една третина од сите делегати на партиската конвенција во јули.

„Луѓето заслужуваат вистински избори, а не избори во советски стил со само еден кандидат“, рече Хејли.

Нејзиниот штаб соопшти дека по прелиминарните избори во Јужна Каролина и покрај поразот собрале уште еден милион долари. Но, Хејли претрпе значителен удар кога „АФП Екшн“, огранок на влијателната конзервативна мрежа „Кох“, одлучи дека повеќе нема да ја финансира нејзината кампања.

„Не веруваме дека која било група може да направи одлучувачка разлика и да го отвори патот кон победата“, се вели во меморандумот од високиот советник на АФП Екшн, Емили Зајдел, до кој дојде Ројтерс.

Републиканските прелиминарни избори продолжуваат во Мичиген, а засега се чини дека поранешниот американски претседател ги следи упатствата на своите советници. Во своето обраќање на „Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците“, како и во говорот по затворањето на гласачките места во Јужна Каролина, тој ниту еднаш не го спомна името на Ники Хејли. За споредба, по прелиминарните избори во Њу Хемпшир во јануари, тој фрли низа осуди и навреди кон неа затоа што одби да се откаже од трката.

Во продолжение на кампањата, Трамп ќе се фокусира на собирање донации и планирање на партиската конвенција во јули оваа година, на која се очекува да ја потврди својата официјална номинација за претседателски кандидат на Републиканската партија, истакна неговиот штаб.

Сепак, многу од неговите поддржувачи и понатаму без двоумење велат дека Хејли треба да се повлече за да не му дозволи на Трамп да се посвети на главните избори на 5 ноември. Сепак, некои донатори на поранешната гувернерка на Јужна Каролина продолжуваат да и обезбедуваат финансиска помош бидејќи ја гледаат како алтернатива на обвиненијата и судските процеси на оптоварениот Трамп.

„Мислам дека Ники Хејли е добро резервно решение за Републиканската партија ако нешто му се случи на Трамп пред изборите. Хејли можеби има само 2 проценти шанси, но ние сè уште зборуваме за лидерската позиција на слободниот свет. Зошто да го отфрлиме тоа?“, изјави за Ројтерс една од нејзините донатори која сакаше да остане анонимна.

Можете да прочитате

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана